Достапни линкови

Неделен печат – Поврзаност меѓу медиумите и политичките партии?


Неделникот ,,Сега,, и во најновото издание се занимава со корупцијата во медиумите и нивната поврзаност со политичките партии, или, како што пишува во поднасловот, бракот од интерес меѓу властите и медиумите од секогаш постоел, а особено бил идиличен во Македонија.

Неделникот ,,Сега,, и во најновото издание се занимава со корупцијата во медиумите и нивната поврзаност со политичките партии, или, како што пишува во поднасловот, бракот од интерес меѓу властите и медиумите од секогаш постоел, а особено бил идиличен во Македонија. Но, ако овој однос експертите порано го критикуваа како крајно лош, наведува ,,Сега,, денес, благодарение на Владата, за него велат дека е грозен. Неделникот, покрај другото, ја анализира работата на јавниот сервис, МРТ, кој, како што пишува, повеќе личел на владин светлечки билборд, за потоа да потсети дека партиското влијание врз телевизиите и весниците не го измислило ВМРО-ДПМНЕ и дека наводно и кога Бучковски од СДСМ бил премиер бил вршен притисок врз еден од весниците на ВАЦ да го смени главниот уредник. Поентира со констатацијата дека гревовите на социјалдемократите при поделбата на концесиите на телевизиите денеска како бумеранг им се удираат од глава. Бидејќи, заклучува ,,Сега,,- ВМРО-ДПМНЕ ја усоврши контролата врз медиумите како никогаш досега. Владата дефинитивно е најголемиот огласувач по медиумите и за таа цел лани потрошила 17 милиони евра. При ова, неделникот го цитира нашиов медиум, Радио Слободна Европа дека во оваа цифра не влегуваат рекламите во странските медиуми, ниту парите за билборди и за радиорекламирање. Неделникот наведува податоци од бизнисмени упатени во медиумскиот пазар, дека лани сите телевизии поделиле рекламен колач од околу 40 милиони евра, значи, скоро половината од тие пари биле од Владата на Груевски, ситуација која според експертите, не постои во ниту една демократска земја, пишува, покрај другото, неделникот ,,Сега,,. Предлог законот за национална криминалистичка база на податоци, што набрзо ќе се усвојува во Собранието, го предизвикува неделникот ,,Глобус,, во најновиот број да му посвети поширока анализа, која во најмала рака звучи застрашувачки. Имено, фактот што овој Закон ќе му овозможи на МВР да отвора досиеја не само за осудени лица и за жртви на криминалот, туку и за оние кои се подготвуваат да сторат криминално дело, го провоцира ,,Глобус,, цинично да констатира дека, безмалку, сите граѓани треба да си купат по една папка и да ја предадат в полиција! Неделникот наведува ставови на познавачи на проблематиката кои сметаат дека со еден ваков непрецизен закон во кој само е наведено дека корисник на обединетите податоци од повеќе институции, (Министерството за Правда, Царината, банките, Управата за јавни приходи, Финансиската полиција, Јавното обвинителство и ткн.) ќе биде тим на МВР- тие ќе можат многу лесно да се злоупотребуваат. Особено на удар може да се најдат таканаречените традиционални непријатели на државата: синдикалните лидери, луѓето со поинаква сексуална ориентација, невладините активисти, новинарите…Приказните од типот- личноста Икс, која е политички опонент на власта е презадолжена во банка и ајде тука да го притиснеме се повеќе од можни, заклучува неделникот ,,Глобус,,.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG