Достапни линкови

Гордана Јанкуловска, Министер за внатрешни работи


Гордана Јанколовска - Министер за внатрешни работи
Гордана Јанколовска - Министер за внатрешни работи

За жал акцијата ,,Бумеранг“ потврдува дека проблемот со корупцијата не е решен, но исто така оваа акција потврдува дека тоа е нашиот приоритет и дека ние сме цврсто определени во оваа борба да истраеме до крај, дури и кога е потребно со корупцијата и криминалот да се справуваме во сопствените редови.

Г-ѓа Јанкуловска, последните случувања на граничниот премин Табановце, покажува дека полицијата не се справила со корупцијата ниту во сопствените редови. Како гледате вие на ова?

Полициската акција ,,Бумеранг“ е една акција на полицијата која ја спроведувавме подолго време некаде од почетокот на 2009-та година се до моментот на реализација, и таа дојде како резултат на низата реакции кои на еден или друг начин стигнуваа до нас. Практично оваа акција која во целост оди на линија на неколку претходни, слични на неа, покажува дека борбата против корупцијата и криминалот не е ни малку лесна работа, човек мора да биде истраен и таа борба мора да биде не селективна. За жал оваа акција потврдува дека проблемот не е решен, дека тоа и натаму останува важно прашање, но исто така оваа акција потврдува дека тоа е нашиот приоритет и дека ние сме цврсто определени во оваа борба да истраеме до крај, дури и кога е потребно со корупцијата и криминалот да се справуваме во сопствените редови, односно да се поднесат кривични пријави против вработени во МВР, да се санкционираат недоследностите и преку сопствениот пример да им се покаже на граѓаните дека тоа е единствениот начин за земјата да оди напред.

Но, на што според Вас се должи сето ова, затоа што тоа го отвори прашањето за професионалноста на полицијата?

Прашањето за професионалноста не само во полицијата, воопшто во сите институции е исклучително сложено прашање. Од една страна на ова прашање можеме да го ставиме процесот на селекција и напредување во кариерата, а од друга страна секако доследното спроведување на законите и репресивни мерки онаму каде што тоа е потребно. Практично последнава полициска акција ,,Бумеранг“ покажа дека за жал се потврдија одредени впечатоци, за кои јас зборував на почетокот на мојот мандат, дека деструктивно е кога во полицијата и институциите не постојат воопшто јасни критериуми врз база на кои се регрутираат вработените и не постојат критериуми врз база на кои треба да се напредува, односно заради кои евентуално би дошло до казна. Впрочем неодамнешното донесување на новиот закон за внатрешни работи, за кој подолго време се дебатираше, каде што фокусот беше токму на системот на кариера, само ја потврдува оваа наша определба во полицијата да се почитуваат само вистинските вредности, таму каде што законот е прекрешен без разлика од која страна доаѓаат прекршувањата, тие мора да се санкционираат. И според мене, најдобриот пример е сопствениот пример. Токму затоа МВР во ниту еден момент не смее да замижи пред криминалот посебно не смее тоа да биде случај, ако криминалот се јавува во нашите сопствени редови. Оваа акција, стотината пријави за разни кривични дела за индивидуални случаи во текот на 2009-та година како и претходно неколкуте спроведени други акции каде што токму таргетот односно сторителите се покажа дека биле вработени во МВР или во други државни институции, јасно и недвосмислено ја потврдува нашата определба и воља да истраеме во оваа борба.
Gordana Jankulovska
please wait
Embed

No media source currently available

0:00 0:10:07 0:00

А исто така и прашањето на довербата на граѓаните во полицијата. Очекувате ли дека овие случаи ќе ја намалат таа доверба?

Градењето на доверба е процес. Еден искрен, еден отворен однос кон граѓаните секако дека придонесува за градење на таа доверба. Тоа значи дека граѓаните треба да имаат целосен увид во тоа како работат институциите, и тогаш кога работат добро, но и тогаш кога има одредени аномалии во работењето на институцијата, односно од одредени поединци кои што од разни индивидуални причини ја злоупотребиле службената положба или пак направиле одредени кривични дела или прекршоци, како што е во овој случај. Ние им должиме одговор на граѓаните тогаш кога имаме вакви појави за тоа.. Кои мерки сме ги презеле, како се справуваме со проблемот и кои решенија ги нудиме? Ние токму тоа и го направивме и јас верувам дека можеби после првичниот шок и можеби изненадување што оваа акција го предизвика заради бројот на опфатени полициски службеници, сепак граѓаните ќе ја сватат вистинската порака, а таа порака е дека нема толеранција за криминалот, без разлика дали се јавува во институциите, надвор од нив или во било која друга свера на општественото живеење.

Експертите и меѓународниот фактор велат дека и партизираноста е сеуште на високо ниво во полицијата. Кога ќе почнат да се менуваат работите на овој план?

Токму затоа јас толку цврсто ја бранев идејата за донесување на закон за внатрешни работи кој ќе го дефинира и ќе го промовира системот на кариера, што значи воспоставување на строги и јасни критериуми кои на некој начин не само што ќе го ограничат, туку и ќе го оневозможат секој оној што се наоѓа на раководна функција да употребува дискрециони права што би значеле селекција надвор од воспоствените критериуми. Системот на кариера всушност значи крај на дискреционите права кои во минатото биле присутни во еден или друг закон и создава еден сет на објективни и мерливи критериуми што од една страна значат поедноставување на процесите, да не речам нивна автоматизација, но од друга страна значат голема мотивација за сите вработени бидејќи нивната кариера доколку ги почитуваат правилата, доколку го имаат потребниот степен на образование, доколку се придржуваат на процедурите е прилично предвидлива, односно јасно знаат дека за одреден период на време можат да стигнат до одреден степен во хиерархијата во службата.

Имаше обвинувања дека полицијата не навремено реагирала во случувањата во Нерези. Имате ли сознанија дали полицијата реагирала така како што треба, соодветно и навремено во овие настани?

Добро, случајот околу фудбалскиот натпревар и она што се случаше пред и по фудбалскиот натпревар посебно во населбата Нерези, беше еден случај кој што морам да кажам ја вознемири јавноста и токму заради тоа МВР даде врвен приоритет на овој случај, односно веќе наредниот ден ние целосно го расчистивме случајот и и презентиравме на јавноста информации кои беа релевантни за смирување на страстите на двете страни, за нормално функционирање, односно продолжување на животот онакако што тој претходно се одвивал во населбата Нерези. Нашата цел беше целосно расчистување на настанот, што значи идентификација на сите инволвирани во случајот се разбира во зависност од степенот на нивната инволвираност, практично целиот случај го заокруживме со поднесување на осум кривични пријави и 15 прекршочни пријави. Така што и покрај сите непријатности, добро е што овој случај има своја завршница.

Има ли нови приведени на страната на месното население, за кои снимките посведочија дека поседувале оружје?

Според информациите со кои располагам дел од пријавите се однесуваат и на толпата, во која имаше нели претставници на месното население, но и од навивачката група. Практично сите оние кои што од снимките кои што ги добивме од медиумите ги идентификувавме како учесници добија и кривични пријави. Навистина за нас и не е релевантно кој на која група и припаѓал, важно е дали се однесувале согласно законот или го прекршиле законот за јавен ред и мир.

Како после овие настани ја оценувате безбедносната состојба во земјава, особено имајќи ги во предвид овие тензии кои што имаа меѓуетнички карактер. Имаше потреба од зголемување на будноста после овие настани?

После овој настан ние поаѓајќи од сензитивноста на самиот настан, не само што ја зголемивме будноста туку го зголемивме и нашето физичко присуство на местото каде се случи инцидентот, но исто така и активно контактиравме со населението. Така што низ низа мерки и активности кои што ги презедовме сакавме да се увериме дека навистина состојбата е стабилизирана и животот продолжува онака како што бил во минатото, бидејќи не постои ниту една причина тоа да не биде така.

Можеме ли да Ве очекуваме на чело на министерството за правда со оглед на некои информации или шпекулации кои што се појавија во одредени медиуми?

Во принцип јас не коментирам шпекулации, ова е прашање кое овој пат не го поставувате на вистинската адреса. Треба да се постави таму каде што му е местото, но јас како министер за внатрешни работи максимално и совесно ја вршам својата работа.

Би било предизвик за вас министерството за правда?

Јас сум задоволна со она што го работам овде. Има многу проекти на кои максимално сум посветена и ангажирана. Не би коментирала шпекулации, посебно кога се однесуваат на тема која што не е од доменот на моите надлежности.
XS
SM
MD
LG