Достапни линкови

Со ребалансот, буџетот полесен за 70 милиони евра


Зоран Ставревски - министер за финансии
Зоран Ставревски - министер за финансии

Министерството за финансии ги обелодени деталите од последниот ребаланс на Буџетот кој, доколку помине на Собрание, ќе биде полесен за околу 70 милиони евра. Скратени се расходите за плати и стопирани се дел од инвестициите меѓу кои изградбата на музејот на ВМРО, стадионот, набавка на автобуси и други проекти.

Министерството за финансии денеска ги обелодени деталите од последниот ребаланс на Буџетот кој, доколку помине на Собрание, ќе биде полесен за околу 70 милиони евра. Од народната каса скратени се расходите за плати и стопирани се дел од инвестициите меѓу кои изградбата на музејот на ВМРО, набавката на двокатните автобуси за град Скопје и отворањето нови лаборатории. Министерот за финансии Зоран Ставревски вели дека расходите за плати од буџетот се намалени:

„Имаме намалување за околу 684 милиони денари или за околу три проценти е намалена масата за плати вкупно, што заедно со четирите проценти намалување од претходниот ребаланс на буџетот, значи дека околу 7 проценти се намалени износот што се плаќа за плати.“
Имаме намалување за околу 684 милиони денари или за околу три проценти е намалена масата за плати вкупно, што заедно со четирите проценти намалување од претходниот ребаланс на буџетот, значи дека околу 7 проценти се намалени износот што се плаќа за плати


Скратени се и расходите за дневници и патувања за околу 140 милиони денари или за педесетина проценти помалку од првобитно планираните. Ставревски нагласува дека социјалните трансфери не се скратени:

„Се обезбедија средства за редовна навремена исплата на сите социјални примања, пензиите и на се она што претставува заштита на најпранливите категории граѓани на Македонија.“

Министерот посочува дека капиталните расходи се намалени за повеќе од 4 милијарди денари.

„Одложен е проектот за автобусите, практично оваа година веројатно ќе се објави тендерот меѓутоа нема да има реализација оваа година, туку најверојатно наредната година. Забавена е делумно динамиката и за други проекти, како што е проектот за набавка на лабаратории, музејот на ВМРО, стадионот, проекти во рамки на информатичко општество, жичарата.“

По последниот ребаланс, министерот Ставревски смета дека на Македонија за сега не и се потребни аранжмани со меѓународните институции за излез од економската криза:

„Независно дали имате или немате аранжман со тие институции, основно е како ја водите политиката.“

Ставревски повторува дека Владата очекува опоравување на економската ситуација во земјава во четвртиот квартал од годинава, додека во третиот квартал бруто домашниот производ ќе бележи негативна стапка на раст од минус 0,6 проценти.
XS
SM
MD
LG