Достапни линкови

logo-print

Дневен печат – На есен владина реконструкција?


Премиерот Груевски и министрите

Премиерот Груевски и министрите

А1 Телевизија повикувајќи се на свои извори објави информација дека во октомври, во Владата ќе има уште една реконструкција. Падот на индустриското производство, акцијата во која беа уапсени 22 полицајци, оставката на Ѓорѓи Тренковски, доминираа во медиумите изминатава недела.

А1 Телевизија во средата, од свои владини извори објави информација дека во октомври ќе имало уште една реконструкција во Кабинетот на Груевски. Министерот за Правда Маневски со сигурност ќе бил заменет од актуелната шефица на Полицијата, Јанкуловска. Овој пат, тврди телевизијата, реконструкцијата ќе ги опфатела и министрите на ДУИ, од социјала и екологија, Бајрами и Јакупи. Сите телевизии во средата, а и весниците во четвртокот објавија дека индустриското производство во јули паднало за драматични, речиси, 20 отсто, а експертите предвидуваат економски тешки есен и зима за македонските граѓани. Инаку, втора вест по оваа, во сите медиуми во изминативе два дена е прес конференцијата на лидерот на СДСМ, Црвенковски, кој жестоко ја нападна владата на Груевски и нејзините три години владеење, со зборовите дека на планот на евроатлантското интегрирање тие биле изгубени години, исполнети со примитивен популизам, економско назадување и влошување на меѓуетничките односи. Владејачката партија, преку потпретседателот на Владата и член на највисокото партиско раководство, Ставревски, експресно му одговори дека владата три години работела, како што рече, да го поправи она што во државата го направил капитализмот од латиноамерикански тип на чело со Црвенковски. ,,Тренковски без лек за владините болести,, е заедничкиот именител на информациите за оставката на директорот на Фондот за здравство. Ѓорѓи Тренковски по оставката бил недостапен за новинарите, а упатените во состојбите велат дека тоа е логичен чекор по неможноста и несогласувањето Фондот да ги следи сите финансиски трошоци предизвикани од, како што пишува ,,Дневник,, под наводници, реформските мерки на Владата во здравствениот сектор. Секогаш кога на Македонија и претстојат решавачки и сериозни чекори, па на граѓаните треба да им се сврти вниманието на друго, МВР спроведува спектакуларни апсења. Со овој коментар А1 телевизија ја проследи мега-акцијата ,,Бумеранг,, во која, повторно пред ТВ камерите , на распит во скопска Двојка беа спроведени 22 полицајци од граничниот премин Табановце осомничени дека седум месеци изнудувале пари од странци при влез во земјава во замена за неспроведување на редовните процедури за проверка на документите. Фина забава за гледачите и за читателите на сите домашни медиуми им приредија косопствениците на Градски аптеки, Трифун Костовски и Зегин кои невидено простачки се расправаа и речиси меѓусебе се степаа на состанокот со вработените, коишто седум месеци не примиле плата поради меѓусебните пресметки на двајцава газди во чија заднина, објавија сите медиуми, всушност, била борбата за преземање доминантната сопственост врз Градски аптеки.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG