Достапни линкови

Грузиски блогер стана светска вест број еден, минатата недела, откако компјутерскиот напад на неговиот блог, односно лична интернет страница, го оневозможи пристапот на социјалните мрежи Фејсбук, Лајвџурнал и Твитер.

Грузискиот блогер кој, на почетокот на месецов, беше мета на компјутерски напад, што потоа погоди милиони корисници на интернет вели дека зад нападот стојат руски хакери. Нападот врз неговиот блог прерасна во еден од најмасовните светски интернет напади. Поради хакерскиот напад, неговиот блог ги преплави главните меѓународни сервери со бескорисни информации.
Нападот се покажа многу штетен за милиони корисници на Фејсбук и на Лајвџурнал, а на неколку часа го спречи работењето на микроблогерскиот сервис Твитер.Тоа многу брзо му донесе лош глас на блогот „Сухуми, војна и болка“, но и на неговиот автор, кој беше обвинет за нападот. Сухуми е главен град на сепаратистичката грузиска област Абхазија, но и роден град на блогерот Јахаја, кој сега живее во Тбилиси. Нападот на неговата интернет страница се случи вечерта, пред обележувањето на годишнината од краткотрајната руско-грузиска војна. 34-годишниот доцент по економија Георгиј Јахаја, кој живее во главниот град на Грузија Тбилиси, вели дека и до сега, бил мета на неколку помали напади, зашто пишува за настаните кои доведоа до веќе познатиот руско-грузиски конфликт.Тој вели дека неговиот блог бил нападнат, пред да објави текст за тоа кој го почнал конфликтот. Јахаја верува дека зад хакерскиот напад стојат руските разузнавачки служби.

“По војната, почнав да ги истражувам настаните. Таа недела, пред нападот објавив хронологија, за тоа што се случуваше пред војната. На 7 август сакав да објавам текст кој објаснува како навистина почна војната, кој пукаше прв. Тогаш бев нападнат”.

Јахаја, кој си го откри идентитетот, една недела по нападот, ги поминал младите години како внатрешно раселено лице, по граѓанската војна меѓу Грузија и Абхазија во раните ’90-ти. Пред четири години тој почнал да го пишува блогот за да се поврзе со другите раселени луѓе.

“Ако се сеќавате, на почетокот на војната, руските хакери ги блокираа сите владини и информативни интернет страници. Луѓето беа очајни за информации.Затоа јас се обидов да пишувам за тоа што се случуваше во Грузија за време на војната. Дури и „Вашингтон пост“ ме споменуваше.Тие напишаа дека јас сум првиот што извести дека руските сили влегоа во Сухуми, откако се постигна договор за прекин на огнот. Тоа беше чисто прекршување на договорот”.

Русија се обвинува за серија големи компјутерски напади, вклучувајќи ги тој во Грузија за време на ланската војна, но и за сличен напад во Естонија во 2007 година, кога имаше напнатост во односите меѓу Талин и Москва.Иако, хакери-поединци ја презедоа одговорноста за дел од нападите, останува нејасно дали компјутерските напади се извршени по наредба на Кремљ или на руските разузнавачки служби.
Веб дизајнерот и блогер Нодар Давитурис ги отфрла наводите дека во нападите биле вмешани разузнавачки служби.

“Спроведувањето вакви напади не бара специјални сили, посебна мобилизација на ресурси или вклучување на владини структури.
Целата работа можат да ја изведат само неколку гневни хакери. Исто така, не знам зошто напаѓачите не помислиле дека блокирањето на светски познатите интернет страници ќе му донесе поголемо внимание на блогот Сухуми. Мислам дека руската тајна служба не е толку глупава, да не го земе и тоа предвид”.

Друг можен мотив на хакерите е можноста да го понижат Сухуми и да го претстават како одговорен за светските хакерски напади.
Блогерот Евгениј Морозов пишуваша за овој случај на неговиот блог на интернет страницата на респектибилниот американски журнал Форин полиси.
За одредено време хакерите ја уништуваат волјата за блогирање на нападнатите блогери.

“Има многу вакви случаи што не се толку познати како неговиот. За одредено време, хакерите ја уништуваат довербата на блогерите во блог и интернет платформите и потоа им е навистина многу тешко да продолжат да блогираат, зашто цената што треба да ја платат е превисока”.

Се чини дека во случајот на Јахаја, хакерите задоцниле. Нападот на неговиот блог доби неочекуван публицитет.
Една недела пред нападот, Твитер профилот на Сухуми го следеле 40 луѓе. Сега го следат повеќе од 2.600 луѓе. Неговата Лајвџурнал страница имеше просечно 3.000 посети дневно. Бројот на посети сега е десеткратно зголемен.Јахаја вели дека планира одредени измени во неговиот блог.

“Ќе продолжам да го правам истото што го правев и до сега. Ќе пишувам за Грузија и ќе објавувам фотографии од различни делови на Грузија. Ќе пишувам за грузиските песни, танци и за грузиската национална кујна, секогаш сум го правел тоа и на луѓето им се допаѓа.
Сега ќе треба да почнам да пишувам и на други јазици. До сега пишував само на руски, зашто мојата публика генерално се Руси и Украинци. Но, сега ме читаат и многу луѓе од странство и затоа ќе се потрудам мојот блог да биде интересен и за нив”.

Вели блогерот Георгиј Јахаја.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG