Достапни линкови

Македонија во рецесија


Работник

Работник

Претставниците на владата, стопанствениците и експертите согласни – Македонија се наоѓа во рецесија. Граѓаните со различни мислења, дали ја чувствуваат во секојдневието. Прашањето колку долго рецесијата ќе трае останува отворено и со различни одговори, во зависност од која страна доаѓаат

Негативните трендови кои се бележат во домашната економија мотивираат се` повеќе експерти и стопанственици да тврдат дека Македонија е влезена во рецесија. Приватосопствениците се жалат дека чувствуваат ефекти од рецесија во земјава, од владата велат дека имплементираат антикризни мерки, изразувајки надеж дека ефектите од светската економска криза ќе се намалат а експртите прогнозираат дека состојбите ќе се стабилизираат до крајот на следната година. Запрашани дали чувствуваат рецесија, граѓаните со различни одговори

,,Па, ние сме дојдени од Загреб, секако се чувствува."
,,Па, не толку многу."
,,Мислам дека се оди напред, не е толку лошо, но треба уште да се усовршува. Да биде добро."
,,Да, ја чувствувам рецесијата и мислам дека кај сите граѓаните се чувствува тоа. Посебно кога седиш на кафе сите ти кажуваат прво дека немаат пари за одмор, за нова облека, за излегување, за шетање."

Граѓани на улицата ,,Македонија" во Скопје
Долгата транзиција и невработеноста се причина за различните одговори на граѓаните на ова прашање, тврдат експертите. Социологот Илија Ацески вели дека во споредба со жителите на развиените земји, просечниот жител на Македонија поинаку реагира на ефектите од кризата

,,Рецесијата е една состојба или едно навестување коешто автоматски создава длабинска нервоза кај луѓето во однос на сите сегменти на нивниот живот. Тоа создава еден тип на однесување, малку поразличен од оние земји коишто живеат во благосостојба и коишто на некој начин кризата не е вообичаена кризата на секојдневно ниво."
Краткорочните анализи за ефектите на овие мерки се позитивни. Тие веќе даваат резултати. Ние очекуваме веќе во второто полугодие од годинава, значи во текот на наредните месеци да се почувствува бенефитот од реализацијата на овие анти кризни мерки. Од првиот пакет на анти кризни мерки, веќе имаме резултати.


Пред неповеќе од една година на македонските пазари се бележеше инфлација. Сега експертите велат дека граѓаните и приватниот сектор се соочени со дефлација, имено намалени цени поради опандатата побарувачка за одредени производи. Прогнозата се базира на податоците од Државниот завод за статистика според кои во јуни и јули годинава се бележи намалување на индексот на трошоците за живот. Официјалните податоци покажуваат дека индексот е намален за 1,3 проценти во јули во споредба со истиот период лани. Во јуни пак индексот паднал за 1,7 проценти. Според професорот Тихомир Јовановски дефлацијата е понеповолен феномен од инфлацијата, поради тоа што во услови на дефлација, намален е оптекот на пари.

,,Која е разликата? При постојана инфлација, цените одат нагоре, количината на пари оди нагоре. Се создава атмосфера на оживување на економијата, што значи се оди кон зголемување на стапката на стопански раст. Кај дефлацијата, состојбата е спротивна. Поради праѓањето на цените, стоките не се продаваат, тоа значи фабриките произведуваат и трупаат залихи или пак го намалуваат производството, а со тоа и вработеноста."

Јовановски додава дека дефлацијата не настанала во изминативе два месеци.

,,Ако од 2003 година, наваму, Македонија се наоѓа во рецесија, економска состојба наречена рецесија, како резултат на таа рецесија задолжително се доаѓа до дефлација. И сегашната дефлација не е сегашна, нејзините корени се уште од 2003 година наваму."

Намалувањето на куповната моќ на граѓаните, што придонесува опаѓање на куповната моќ на граѓаните го предвиде и Народната банка. Со кревањето на референтните каматни стапки за неколку проценти, во изминатиов период е намалена и побарувачката за потрошувачки кредити. Професорката Марија Зарезанкова потевска вели дека кредитите треба да бидат поповолни за граѓаните и стопанството во интерес на економскиот раст во земјава.

,,Во развиените земји не се толку високи каматите. Не е толку ефтин капиталот, но го прават да биде ефтин, се во интерес на движење на стопанството."

Зградата на ,,Комерцијална Банка" во Скопје
Меѓу другото, Народната банка во последниот извештај предвидува пад на инвестициите за 25 проценти. Владата од друга страна, пласира пооптимистички прогнози изразувајки надеж дека економијата ќе се стабилизира до четвртиот квартал годинава. министерот за економија Фатмир Бесими во неделното интервју за Радио Слободна Европа посочи дека кон крајот на годинава динамиката на негативен раст може да се намали
Сосема е извесно дека владата нема да оди кон намалување ниту на платите на вработените во јавната администрација, ниту на примањата на пензионерите.


,,Нешто што може реално да се очекува е дека бројките во четвртиот квартал, споредено со претходните квартали, треба трендот да се намали споредено со сегашната динамика. Доколку преовладее ова оптимистичко сценарио, кое на глобално ниво се коментира, на пример, ММФ и Светската Банка веќе ги коментираа нивните прогнози за светската економија и регионот на пооптимистички сценарија за раст."

Од Владата потврдуваат дека активно работат на справувањето со негативните ефекти од светската економска криза. Александар Георгиев вели дека владата имплементира три пакети мерки кои би требало да ги ублажат ефектите од кризата.

,,Краткорочните анализи за ефектите на овие мерки се позитивни. Тие веќе даваат резултати. Ние очекуваме веќе во второто полугодие од годинава, значи во текот на наредните месеци да се почувствува бенефитот од реализацијата на овие анти кризни мерки. Од првиот пакет на анти кризни мерки, веќе имаме резултати. Компаниите по основа на ослободување на данокот за добивката, доколку тие не ја распределат како дивиденда, заштедија голем дел средства кои ги внесуваат во процесот на работењето во 2009 година. Исто така, намалувањето на социјалните придонеси веќе дава резултати и веќе во однос на тоа имаме раст во првиот квартал на стапката на вработеност за 2,3 проценти што е добро придвижување и добар тренд."

Со последниот ребаланс на буџетот владата скрати дел од расходите. Меѓу другото, надлежните ги скастрија трошоците за телефони и за службени патувања на државните службеници. Сепак, се поставува прашањето дали во иднина ќе се кастрат платите на административците и на другите буџетски корисници како на пример примањата на пензионерите? Георгиев вели дека приходите на популарно наречените „буџетари“ се безбедни.

Прес конференција на Владата
,,Не, нема да има опасности кон популарно наречените буџетари и кон почитуваните пензионери. Сосема е извесно дека владата нема да оди кон намалување ниту на платите на вработените во јавната администрација, ниту на примањата на пензионерите. Тоа се случи во други земји. Но, владата на Република Македонија нема да ги намали платите на вработените во јавната администрација и владата на Република Македонија нема да ги намали пензиите на пензионерите во Република Македонија."
Владата продолжува парите на граѓаните да ги користи за најнелогични, најбесмислени цели, а не за поддршка на стопанството.


Инаку во текот на изминатава недела земјите од регионот веќе ги скастрија примањата на буџетските корисници. Платите на функционерите од Босна и Херцеговина беа преполовени, додека романската влада ќе ги испрати сите државни службеници на неплатен десетдневен принуден одмор.

Се` на се`, се чини дека прогнозите на македонската влада за развој на економијата се пооптимистички од оние на дел од експертите и на Народната банка. Додека НБРМ предвидува пад на инвестициите, владата прогнозира опоравување во четвртиот квартал на годинава. Имајки ги предвид владините напори и прогнозите на централната банка, се поставува прашањето кој подобро ја предвидува економската иднина на Македонија? Шенај Хаџимустафа од Центарот за економски анализи вели дека и двете институции ги добиваат податоците од Државниот завод за статистика

,,Тука работа е кој како сака да ги толкува. Затоа што на почетокот од годината кога се правеа одредени прогнози за растот на Република Македонија, и во однос на ребалансот на буџетот, и тогаш имаше разлики во проекциите. Значи, информациите беа исти, но и НБМ и Министерството за финансии дадоа различни проекции за 2009 година. Значи, можеби причината е повеќе политичка, во смисла, кој како сака да ги толкува работите."

Министерот за економија Фатмир Бесими
Владимир Глигоров од Виенскиот економски институт посочува дека стопанстврениците најдобро можат да проценат што се случува на пазарот

,,Мислам дека овие инвеститори веќе гледаат кои се реални можности со оглед на тоа со што се соочуваат. Воглавно се соочуваат со намалување на производството и побарувачката."

За помош на стопанството Владата обезбеди пари од европските фондови кои на малите и средни претпријатија ќе им се понудат во форма на кредити преку комерцијалните банки, со посредство на Македонската банка за подршка на развојот која е во државна сопственост. Но колку можат кредитите да им помогнат на фирмите?

Дел од стопанствениците се песимисти. Драган Николов, директор на градежна фирма, вели дека проблем за фирмите може да биде операционализацијата на кредитите.

,,Имено, има одредени хендикепи таа банка, затоа што принцип не финансира директно. Кога се пласираат, тие одат преку комерцијалните банки. Но, таму ќе ве пречекаат со рамка или хипотека, и ако во тој момент рамката ви е искористена, вие не можете да земете од поволните кредити."

Николов додава дека во услови на криза не може да се очекуваат нови инвестиции од домашните компании

,,Државата е најголем работодавец, таа сега треба да ги изгради патиштата, да ги доврши коридорите итн. Ако успееме да донесеме и странски инвеститори тоа ќе биде плус, нема друго решение."

Од Владата, пак уверуваат дека веќе од следната година на Македонската банка за подршка на развојот ќе и се овозможи диртектно кредитирање на мали и средни претпријатија. Експертите, од друга страна, велат дека европските пари се добредојдени за фирмите. Според Јулија Џарова од меѓународната консултантска група „Екосис“, за приватните фирми кредитите се секогаш поволни

,,Сигурна сум дека кредитите се секогаш потребни, но се зависи од условите. Парите не треба да се инвестираат во компании кои се многу задолжени. Бидејќи на тој начин во тие компании се создаваат дополнителни проблеми. Но, ако парите се инвестираат во здрави компании кои имаат привремени проблеми, тогаш на тие фирми кои имаат можност за развој им се помага да преживет."

Џарова додава дека извозниците би можеле најдобро да ги искористат поволните кредити

,,Затоа што тие што произведуваат за домашниот пазар немаат голема побарувачка во моментот, зарем не? Но, оние кои се извозно ориентирани имаат клиенти во странство. Можеби тие најдобро ќе ги искористат европските пари, ако пак ќе напоменам, кредитите се со поволни услови."

Професорот Џевдет Хајредини, пак, тврди дека кредитите сами по себе не се доволни за спас на претпријатијата

,,Значи, фирмите кои ќе можат да конкурираат тие значи дека се во релативно добра состојба. А, фирмите кои дошле во безизлез, не им помага тоа. Се што досега било бомбастично најавено нема никаков ефект, ниту ќе има. Владата продолжува парите на граѓаните да ги користи за најнелогични, најбесмислени цели, а не за поддршка на стопанството."

Според официјални податоци секоја шеста приватна фирма во земјава има блокирана банкарска сметка. Во јануари годинава биле регистрирани околу 27.000 фирми со блокирани сметки. За само пет месеци нивниот број пораснал за околу 7.000 или 15 проценти од компаниите во Македонија. Сепак, неделава од Министерството за економија посочија дека бројот на регистрирани компании во земјава е поголем од бројот на затворени фирми. Директорот на Централниот Регистар Ванчо Костадинов во изјава за медиумите потврди дека трендот е позитивен но не ги спореди овогодинешните податоци со ланските

,,Можеме да кажеме дека генерално трендот е во корист на компании кои се отвораат. Значи, сепак коефциентот е повисок на страна на компании кои се отвораат."

На крај, во екот на туристичката сезона се поставува прашањето како случувањата во економијата влијаат на туризмот? Од Агенцијата за подршка и развој на туризмот потврдуваат дека бројот на домашни туристи годинава е намален. Директорот на Агенцијата Зоран Стрезовски посочува дека од друга стана, годинава се бележи пораст на бројот на странски туристи

,,Од аспект на туризмот, како Агенција за промоција и поддршка на туризмот во Република Македонија, нашите прогнози се дека македонскиот турист е погоден од економската криза. Нашето задоволство е дека бројот на странски туристи и во услови на ваква криза, кога во другите туристички дестинации има намалување, ние бележиме мал пораст."

Останува да се види што ќе се случува со економијата по завршувањето на летните одмори.
XS
SM
MD
LG