Достапни линкови

На Косово нема опасност од терористички напади


Приштина

Приштина

Косовската полиција вели дека граѓаните не треба да страхуваат по веста дека во Соединетите држави била уапсена група која планирала напади и на Косово.

Станува збор за неколку лица кои во понеделникот биле упасени во Северна Каролина. Во обвинението издадено по нивното апсење се наведува дека тие патувале во Газа, Израел, Јордан, Пакистан и Косово за да испланираат и ангажираат луѓе за напади. Меѓу уапсените е и 24 годишниот Хисен Шерифи, кој потекнува од Косово, а е со постојано живеалиште во Соединетите држави. Косовската полиција потврди дека тој бил на Косово во текот на минатата година и оти информациите за неговиот престој и дејствување веќе им биле предадени на надлежните американски власти. Полицијата не открива за какви податоци станува збор, а портпаролот Бесим Хоти вели: ,,Нема индикации дека се можни такви напади и жителите на Косово не треба да страхуваат.,,
Ако дојде до напад врз американските интереси на Косово, тоа не само што ќе биде тежок удар за имиџот на Косово, туку ќе се постави и прашањето во американската јавност за политиката на администрацијата спрема Косово ...
Сепак се поставува прашањето: Колку навистина е реален ризикот од терористички напади на Косово? Експертот по безбеднони прашања Арбен Чирези смета дека треба да се биде претпазлив, бидејќи Косово не е имуно на тероризам со оглед на тоа што ја поддржува американската политика. Сепак, како што вели, и на Косово има луѓе кои делат слични идеи со уапсените во Америка

,,Ако дојде до некој напад врз американските интереси на Косово, тоа не само што ќе биде тежок удар за имиџот на Косово, туку ќе се постави и прашањето во американската јавност за политиката на администрацијата спрема Косово во последните десет години, а тоа ќе биде штетно за Косово.,,

Чирези предупредува дека радикалните исламистички групи најчесто ангажираат млади луѓе, посебно од маргинализираните структури на општеството и додава дека косовската влада и невладиниот сектор тоа би требало да го спречат. Од владата велат дека неодамна бил усвоен план за дејствување, бидејќи, како што велат, Косово е партнер во глобалната борба против тероризмот.

,,Работиме на подигање на капациетот на државните механизми во борбата против тероризмот. Пред една недела е направен чекор напред во тој правец. Имено сите овластувања на ЕУЛЕКС во справувањето се тероризмот беа пренесени врз косовската полиција.,,

Вели советникот во министерството за внатрешни работи Артан Дураку, додавајќи дека полицијата има одлична соработка со КФОР и ЕУЛЕКС, како и со другите институции чиј мандат е сигурноста на Косово.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG