Достапни линкови

Неделен печат – ,,Тендероидите си купија јахта на Егејот"


Два ексклузивитета ни нудат македонските неделници неделава што изминува. Премиерот Никола Груевски дал мега интервју за неделникот ,,Форум,, ама читателите во целост ќе можат да го читаат дури на 7 август, поради тоа што редакцијата на ,,Форум,, била на одмор. Инаку, два куси дела од интервјуто на премиерот што, кои, намерно или не, сепак беа објавени, веќе десетина дена предизвикуваат коментари и реакции во политичките кругови,- кај нас, поради обвинувањата до Љубе Бошковски, дека го оставил на цедило Тарчуловски во Хаг, и во Грција, поради повторувањето дека двојната формула е дефинитивниот став на Македонија во преговорите за името.

Вториот ексклузивитет го објавува неделникот ,,Фокус" поточно, информира дека на 15 овој месец во доцните вечерни часови ТВ Пинк емитувала долго интервју со Александар Кристијан Голубовиќ, познат поранешен член на белградското подземје, а денес бизнисмен, во кое тој, покрај другото, одговара и на прашања за своите врски во Македонија. Голубовиќ неодамна престојуваше одреден период во нашата земја и во Охрид, каде што беше виден со десетина локални криминалци, наведува,,Фокус" и продолжува, цитирам: во мега интервјуто за ТВ Пинк, Голубовиќ, на прашање во врска со неговата дружба во ,,македонскиот Ерусалим,, ќе истакне дека тој во државава и во Охрид не другарувал со локални мафијаши, туку со бизнисмени, меѓу кои и братот на македонскиот претседател!? ,,Фокус" прашува: ,,Дали мислел на Блажо Иванов, брат на претседателот Ѓорѓе Иванов, кој беше еден од обвинетите во случајот ,,Југ" за шверцување на мигранти, или на некој друг?

Неделникот ,,Сега" објавува неофицијална, но забележлива информација,дека еден млад скопски бизнисмен, многу близок до власта, чие име се поврзуваше со сега веќе пропадната зделка за двокатните кинески автобуси се утешил купувајќи си сосема нова јахта вредна 2 ипол милиони евра, која што се наоѓала некаде во Егејот, пловејќи гордо и патриотски под македонското знаме, наведува ,,Сега,,. Во истовреме, неделникот во текстот со наслов ,,Тендероидите си купија јахта на Егејот-баш им е гајле за Македонија", потсетува на неодамнешната изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски кога нападна одредени аналитичари, колумнисти и водачи на невладини организации дека ,,сеат страв наоколу инспирирани исклучиво од лукративни цели , односно од јахти или од други мотивациски средства,,.Го прашуваме премиерот како освен лукративно се купува јахта, па макар таа пловела и во Егејско Море?, прашува на крајот неделникот ,,Сега".
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG