Достапни линкови

Реални шанси за датум за преговори со ЕУ?


Евро комесарот за проширување Оли Рен и премиерот Никола Груевски
Евро комесарот за проширување Оли Рен и премиерот Никола Груевски

Експертите не очекуваат Грција да го блокира почетокот на преговорите за членство на Македонија во ЕУ. Според нив, Грција може да ја блокира Македонија подоцна во процесот

Македонија има реални шанси да добие датум за почеток на преговори за
членство во Европската унија, ако во наредниве два месеци ги исполни одредниците што го постави Унијата, а Грција веројатно нема да се противи на тоа. Ова се коментари на дел од домашната експертска јавност, по неодамнешните оптимистички најави од челниците на ЕУ дека добивањето датум за преговори е реално и оти тоа зависи само од испорачаните резултати.
Сметам дека во оваа фаза нема да не блокираат. Особено во поглед на можно решение за спорот со името. Има такви реакции од сите страни и од наша и од грчка и од страна на посредникот Нимиц. А, доколку Грција сака да не блокира, тоа може да го стори подоцна, како што Словенија го направи тоа со Хрватска


Политикологот Владимир Божиновски вели дека Македонија може годинава да добие датум за преговори. Тој се сомнева дека Грција ќе се обиде да го спречи тоа.

„Сметам дека во оваа фаза нема да не блокираат. Особено во поглед на можно решение за спорот со името. Има такви реакции од сите страни и од наша и од грчка и од страна на посредникот Нимиц. А, доколку Грција сака да не блокира, тоа може да го стори подоцна, како што Словенија го направи тоа со Хрватска.“

Професор Назми Малиќи се согласува дека Грција нема да го блокира евентуалното добивање датум за преговори, во исчекување на конечното решение на спорот за името.

„Само да не следат провокации или настани, па самата влада да биде пречка да го добиеме датумот за преговори.“

Политикологот Божиновски смета дека Грција ќе почека Македонија да добие датум за почеток на преговорите со Унијата, а потоа, ако до тогаш не се реши спорот за името, ќе ја блокира земјава кога ќе биде подготвена да плати „повисока цена“, за конечно да стане членка на Европската унија.

„За нив ќе биде многу подобро доколку тој проблем сега не се реши, а ги почнеме преговорите, па да не блокираат во самиот процес. Кај нас во последните 13 години сметаа дека времето работи за нас, а всушност времето не работи за нас. Всушност, колку сме поблиску до евро атлантските структури, толку е поголема заканата која што може да ни ја упати Грција со блокада, како што го стори тоа во Букурешт.“

Еврокомесарот за проширување Оли Рен, при минатонеделната посета на земјава, порача дека Македонија има реални шанси да ги исполни одредниците и да добие датум за преговори, но дека тоа зависи само од испорачаните резултати во наредните два месеци. Рен, сепак, ја нагласи потребата од решавање на спорот за името со Грција.

„Можниот почеток на претпристапните преговори не зависи од прашањето за името, но сите знаеме дека за да почнат преговорите, потребна е согласност на сите 27 членки на ЕУ“,

рече тој.

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски рече дека два месеци се доволни за да се донесат неопходните закони за добивање позитивен извештај од Европската комисија за напредокот на Македонија.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG