Достапни линкови

Парите се враќаат во Кина


Мапа на Кина

Мапа на Кина

Девизните резерви на Кина речиси се дуплираа од 2006 година благодарение на трговскиот суфицит кој земјата го има со останатите држави во светот. И покрај тоа што суфицитот во изминативе неколку месеци веќе не бележи пораст, кинеските девизни резерви се проценуваат на речиси 2 билиони американски долари. Само во изминативе три месеци резервите на земјата бележат пораст од 180 милијарди долари. Марк Вилјамс од „Капитал Економикс“ во Лондон објаснува на што се должи порастот

,,Кина, во текот на 2007 и 2008 година, бележеше пораст во девизните резерви, но растот нагло замрзна кон крајот на минатата година. Има две причини за тоа. Прво трговскиот суфицит на земјата почна да се намалува и второ, луѓето почнаа да повлекуваат пари од Кина поради загриженост за глобалниот финансиски систем. Мултинационалните компании сакаа да ги чуваат парите дома. Денешните податоци, од друга страна, покажуваат дека инвеститорите ги ревидирале своите планови и повторно инвестираат во Кина. Тоа, очигледно, е сведоштво дека кинеската економија брзо се опоравува,,
И покрај кинеската загриженост за безбедноста на своите инвестиции на Запад, Пекинг нема да се откаже од финансирање на САД


Растот на кинеската економија примарно може да се препише на обновениот интерес на странските инвеститори и не е толку зависен од трговскиот суфицит на земјата. Следен важен податок за странските инвеститори во Кина ќе биде растот на бруто домашниот производ на земјата. За сега има само предвидувања дека Кина ќе бележи раст од речиси 8 проценти. Друго важно прашање е што прави Кина со парите кои ги чува во форма на девизни резерви? Голем дел од резервите се во американски долари. Неофицијално, Кина е најголема земја доверител на САД. Американскиот Претседател Барак Обама во мај изјави дека САД веќе не може да си дозволи да позајмува пари од Кина, додавајки дека и самите доверители, во одреден момент „ќе се заморат“ од позајмување. И покрај тоа што американските власти се решени да го намалат дефицитот на тековната сметка за неколку години, официјалните податоци покажуваат дека буџетската дупка на САД годинава расте. Главно прашање кое сега се поставува е дали Кина и понатаму ќе одвојува пари за Соединетите Држави? Вилјамс вели дека и покрај тоа што Кинезите се загрижени за безбедноста на своите инвестиции на западот, нема да се откажат од финансирање на САД. Во потесна смисла тоа е добро, вели Вилјамс, додавајки:

,,Кинезите можат и да ги пренаменат парите. Можат да инвестираат во увоз. И сега на САД и на другите странски инвеститори им треба купувач за нивните производи. Сега Кина инвестира во странски капитал бидејки има суфицит на тековната сметка, но тоа не им помага на другите земји во светот. Ние би сакале Кина да ја урамнотежи својата економија и балансирано да инвестира и во увозот и во извозот,,.
XS
SM
MD
LG