Достапни линкови

Зоран Ставревски, Министер за финансии


Министерот за финансии Зоран Ставревски

Министерот за финансии Зоран Ставревски

Ребалансите на буџетот се вообичаена работа. Ќе има потреба од ребаланс, во текот на третиот квартал од годинава, меѓутоа, таа потреба не е од ургентен карактер. Моите проценки се дека нема потреба од толкав висок износ на намалување на расходите

Дали сега го сметате како неоходен итниот ребаланс на буџетот и препораките за кратења во висина од сто милиони евра на кој укажа вашиот претходник Славевски на заминување?

Ребалансите на буџетот се вообичаена работа и во други земји, и во Македонија, и во добри економски години, а и оваа година, веројатно првичните анализи што ги направивме покажуваат дека ќе има потреба од ребаланс, во текот на третиот квартал од годинава, меѓутоа, таа потреба не е од ургентен карактер, значи, првичните резултати за јули се дека постепено се стабилизираат приходите, треба да сочекаме, да видиме дали е тоа тенденција, дали ќе продолжи и потоа ќе ја известиме владата за тоа кога да се направи ребалансот и од која големина треба да биде намалувањето на расходната страна со цел да се усогласи со приходната страна. Бидејќи, како што кажав во сите земји годинава се прават повеќе ребаланси, со цел, нормално, фискалната политика да се усогласи со движењата во реалниот сектор. Износот на ребалансот ќе зависи и од тоа колкави ќе бидат приходите во јули, август, до оној момент додека го предложиме ребалансот на Владата. Така што, тогаш точно ќе знаеме колкав износ на средства е потребно да се намалат расходите. Во меѓувреме, јас веќе имам средби со одделните институции, на коишто разговараме за процентот на искористување на расходите, значи реализацијата на капиталните проекти и сите други расходи, со цел и на таа страна да видиме колку може да се направат заштеди.

Славевски посочи дека е неопходно кратење од сто милиони евра за да се зачува макроекономската стабилност. Какви се вашите анализи? Колкав треба да биде износот на ребалансот?

Како што реков, не може да се определи точниот износ сега. Моите проценки се дека нема потреба од толкав висок износ на намалување на расходите, но се зависи од анализите што треба да се направат и на расходната и на приходната страна, така што прерано е за да можам да коментирам во однос на висината на ребалансот. Ќе се направи онолку колку што е потребно за да се сочува макроекономската стабилност и стабилноста на девизниот курс.

На колкав рок парите од евро обврзницата ќе ја стабилизираат состојбата со девизните резерви. Дали парите од евро обврзницата веќе се трошат за тековни државни трошоци, како што се плати?

Парите од евро обврзницата помогнаа да се врати нивото на девизните резерви на едно стабилно ниво, коешто им испраќа сигнал на фирмите, на приватниот сектор дека не треба да се грижат за стабилноста на девизниот курс. Проценките наши, во моментов, а слични беа и проценките на ММФ кога ја посети Македонија беа дека овие средства треба да бидат доволни за оваа календарска година.

Постојат стравувања дека ако парите не се употребат развојно, тие само ќе го продлабочат дефицитот во платниот промет, по што неопходно ќе биде Македонија да побара помош од ММФ?

Се согласувам дека е потребно тие средства да се користат внимателни и кога ќе се користат да се користат пред се за поддршка на капиталните проекти, инфраструктурните проекти. Тековните расходи, за плати, за пензии и слично да се покриваат со тековните приходи. Тоа ќе биде мојата интенција како министер за финансии, значи да не се користат средствата од евро обврзницата за покривање тековни расходи, напротив, со подобрена наплата и координација со УЈП и Царина да обезбедима подобра наплата на приходи и со тие приходи да се покриваат тековните расходи, а како што реков средствата од евро обврзницата да се користат за девизни резерви, за стабилност на курсот и за инфраструктурни проекти.

Министерот за финансии Зоран Ставревски
Неопходно ли ќи биде да се побара помош од ММФ?


Разумен однос во едни кризни времиња од страна на владата е да не затвора ниту една врата. Значи, да ги остави сите врати отворени. За сега, нашите проценки се дека со евро обврзницата, со стабилизирање на приходите, нема да имаме директна потреба од финансиски средства од ММФ, но тоа може да се промени во текот на годината, зависно од случувањата во реалниот сектор и како ќе се одвива светската економска криза. Во секој случај, доколку е потребно, како членка на ММФ ние имаме право да побараме и финансиски средства и ние како влада, ако има потреба ќе го направиме тоа.

Кои се ризиците од задолжувањето? Како ќе се враќаат парите ако не се инвестира во производство?

Македонија со предвремената отплата на долгот во претходните добри економски години, си создаде простор да биде една од ретките земји во ЈИЕ, што може да си дозволи сега да се задолжува без да го загрози вкупното ниво на надворешен долг на земјата, без да отидеме во сферата на високо задолжени земји. Што значи, во кризни времиња, добро е да се донесат пари од надвор, доколку човек може да ги најде, за да се зголеми вкупниот износ на расположливи средства. Се разбира, тие средства треба разумно да се користат, за продуктивни расходи, инфраструктура, и слично, за да може да се создадат доволно приходи понатму од коишто би се враќале во идните години.

Во кризни времиња, можно ли е да се очекува раст на БДП? Каде прогнозирате дека е можен раст во кои сектори? Во најновиот извештај на НБМ се потврдуваат прогнозите на ММФ за пад на БДП за два проценти?

Во вакви кризни времиња, во вака голема економска криза во светот, се што е блиску до нулата е успех, како БДП. Неблагодарни се прогнозите, затоа што евидентно е дека има први знаци на заздравување на светската економија, значи на тоа дека при крај е рецесијата во некои земји, но тешко е да се прогнозира како ќе заврши годината. Најзначајно е во вакви кризни времиња да се опстане, стопанството што помал број фирми да ги чувствуваат последиците и тие да бидат што е можно поблаги, а истото се однесува и на работниците во тие фирми, па така се поставени и нашите политики. Очекувам, следната година и годините потоа да се вратиме на подобри стапки на економски раст.

Клучно прашање е дали стабилноста на курсот ќе се брани по секоја цена и какви потези ќе преземе владата, за да не дојде до девалвација?

Курсот е најзначајно прашање за една мала земја како Македонија, во којашто голем број од граѓаните, фирмите се задолжени во девизи, или со валутна клаузула на кредитите, така што ние сме цврсто решени да ја одбраниме стабилноста на курсот, токму средствата од евро обврзницата и прилагодувањето на фискалната политика ќе помогнат во тој дел, а се разбира и монетарната политика во својот домен ќе остане ориентирана кон стабилноста на курсот.

Можно ли е буџетскиот дефицит да биде поголем од проекциите на владата?

Па, во голем број земји, дури и во оние кои имаат аранжмани со ММФ, се случува буџетскиот дефицит да биде повисок од првичните проекции. Сепак, мојата ориентација како министер за финансии ќе биде да буџетскиот дефицит се задржи во проектираните рамки од три отсто од БДП. Верувам дека со разумно поставување на политиките до крајот на годинава, со подобрена наплата на приходите ќе успееме да останеме во тие рамки.

Што ќе се случува со странските директни инвестиции? Илустрација на оваа тема е слободната економска зона кај Скопје, која годинава остана речиси празна?

Меѓународните стандарди за странски директни инвестиции вклучуваат не само гринфилд инвестиции, како што се тие во зоната Бунарџик, туку и т.н. браунфилд инвестиции, значи аквизиции, купување на банки, фирми и сл. Така е и во Бугарија. Голем дел од инвестициите се во реалниот сектор, во недвижности, во Хрватска се голем дел во финансискиот сектор. Така што сакам да укажам дека е погрешно кога се вели дека само инвестициите во Бунарџик се тие што треба да ги броиме за да видиме колкави се инвестициите во Македонија. За да ги споредиме цифрите на Македонија со било која друга земја мора да се примени меѓународна методологија и таа методолгоија е онаа што ја применува НБМ. Износот на инвестиции според последните информации што ги имам за првите четири месеци е околу 89 милиони евра. Ако имаме предвид дека во годините, пред четири – пет години, кога во светот беше вистински инвестициски бум, во Македонија во тој период просечно годишно имаше сто милиони евра инвестиции, сметам дека за четири месеци сега 89 милиони евра се пристојно остварување. Сакаме да се реализираат и поголем број други инвестиции во зоната и преговараме. Како што знаете, есенва очекуваме Џонсон Мети да ја отвори фабриката во текот на есенва, очекуваме отворање фирма за ЛЦД телевизори во зоната, и имаме уште некои други фирми кои најавуваат дека непосредно по завршувањето на кризата ќе отворат свои капацитети.
  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG