Достапни линкови

Солана: Не го пропуштајте „поволниот ветар“ за името


Хавиер Солана на прес конференција со Никола Груевски

Хавиер Солана на прес конференција со Никола Груевски

Лидерите на владејачката ДУИ и на опозицискиот СДСМ Али Ахмети и Бранко Црвенковски, попладнево, во Скопје, имаа одделни средби со Високиот претставник за заедничка надворешна и безбедносна политика на ЕУ Хавиер Солана. Ахмети и Црвенковски, по средбата, не дадоа изјави за медиумите, туку испратија соопштенија за јавноста.
Во соопштението од СДСМ се вели дека Црвенковски и Солана разговарале за состојбите во Република Македонија, за односите меѓу Европската Унија и земјата, како и за одредени регионални прашања.

„На средбата е констатирано дека, и покрај напредокот во одредени области, земјата треба да вложи напори за напредок и резултати, кои би ја придвижиле Република Македонија кон започнување на преговори за нејзино пристапување кон ЕУ,“

се вели во Соопштението од СДСМ.

Во соопштението од ДУИ, пак, се вели дека Ахмети и Солана разговарале за имплементацијата на Охридскиот Договор, визната либерализација за македонските граѓани, прашањето за името и други актуелни прашања во земјата и регионот. Во однос на прашањето за спорот за името со Грција, Ахмети го повторил ставот дека се залага за компромисно решение, што ќе го отвори патот на земјата кон европското семејство, се вели во соопштението од ДУИ.

Претпладнево Хавиер Солана се сретна со премиерот Никола Груевски. На пресконференцијата, по средбата, тој рече дека прашањето за укинување на визите ќе се реши и дека се надева дека во наредните неколку дена Македонија ќе добие добри вести во однос на визите. Тој, сепак, не одговори дали Македонија ќе добие датум за почеток на преговори со Унијата до крајот на годинава.
Солана рече дека Унијата, внимателно, го следи спорот за името со Грција. Прашањето за името е важно прашање кое мора да биде решено и побарав од сите да вложат максимум во изнаоѓање решение. Медијаторот на Обединетите нации неодамна излезе со некои идеи за кои сметам дека се „поволен ветар“, оцени Хавиер Солана.

„Го замолив премиерот да не го пропушти овој „поволен ветар“, изјави Солана по средбата со Груевски.

Тој рече дека одговорноста за преговорите за името не лежи во ЕУ, но „ако можеме да помогнеме ќе помогнеме“, рече Солана.

„Решението не е незначајно за другите членки на унијата, како и за Унијата во целина. Затоа го следиме со големо внимание, но не сме дел од преговорите,“

рече Солана.

Од Скопје, Солана замина во Косово, а балканската турнеја ја завршува утре, со посетата на Црна Гора.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG