Достапни линкови

Пети Смит и Карлос Сантана во Скопје


Градски стадион

Градски стадион

Вечерва во Скопје ќе музицираат две големи светски ѕвезди. Рокенрол поетесата Пети Смит, од 21 часот, со својот бенд во Универзална сала во рамките на актуелното издание на ОФ-ФЕСТ ќе ја започне новата светска турнеја, а легендарниот латино-гитарист Карлос Сантана ќе ги собере своите обожаватели од регионов на Градскиот стадион.

Она што со децении беше голема илузија за мнозина љубители и проследувачи на современата музика станува реалност. Не оти се сменија условите, та сега можеме да говориме за некаков динамичен редовен концертен живот во земјава , туку едноставно картите се поклопија така да во една иста вечер на две различни локации едновремено видиме и чуеме две навистина значајни фигури од светската сцена. Пети Смит, во организација на Скопје џез фестивал, ќе го одржи својот перформанс во Универзална сала, а Сантана, за чие доаѓање се погрижија Авалон продукција, ќе свири на Градски стадион. И, тука расправиите околу тоа зарем мораше да дојде до ваквото поклопување, ќе има ли публика за двата концерта и слично завршуваат.

Патриша Ли – Пети Смит дефинитивно е една од највлијателните жени во рок музиката воопшто. Нејзиниот деби албум Хорсис од 1975 година, продуциран од Џон Кејл од ВЕЛВЕТ АНДЕГРАУНД, се смета за иницијална каписла за панк-рок експлозијата од средината на 1970-те, издание што и го донесе епитетот мајка на панкот. Не помалку значајни се и албумите како Радио Етиопија од 1976, Истер објавен две години подоцна, Вејв од 1979...а нејзината последна објава Твелв излез во 2007 година и на неа се забележани кавер верзии н омилените песни на рок-поетесата. Амбициозна, неконвенционална и пред се храбра, музиката на Пети Смит, заедно со онаа на Боб Дилан, се оценува како највозбудливиот спој на рокенролот со поезијата во историјата на музиката. Оваа уметница, писателка, активистка, легенда, по серијата одлични акустични концерти по Италија, од Скопје ќе ја започне новата светска турнеја со својот бенд. А, кога сме веќе тука да спомнеме и тоа дека, крај неа на сцената ќе биде и нејзиниот стар пријател Том Верлејн, уште една култна личност на рокенролот и лидер на непомалку значајните ТЕЛЕВИЖН.

Од друга страна, Карлос Аугусто Сантана Алвез е еден од најзначајните гитаристи во историјата на популарната музика. Овој Мексиканец славата ја достигна на крајот на 1960-те и почетокот на 1970 со фузијата на рокенрол, блуз, салса и џез музика. За него се вели дека бил потполно анонимен кога се качил на сцената на големиот Вудсток фестивал во 1969 година, а дека од неа слегол како голема ѕвезда. Бележити се неговите соработки со големите мајстори како Џими Хендрикс, Џон Меклифлин, Мајлс Дејвис, Џон Ли Хукер, Би Би Кинг, Алиша Колтрејн, Дејв Холанд, Херби Хенкок, ВЕДЕР РИПОРТ, по...а по таквото спиритуално искуство тој наново им се враќа на светските топ листи објавувајќи го во 1999 година албумот Супернејчулар на кој како гости се јавуваат Ерик Клептон, Роб Томас, Лорин Хил и други млади музичари. Албумот ќе ги собере сите можни награди што се доделуваа во светот, формулата гитаристот ќе ја повтори и на следната објава Шаман од 2002 година, а потем неговото име ќе го среќаваме на сите проекти на младите музичари од современата светка музичка сцена. Денес Карлос Сантана е гитарист кој се наоѓа на 15-то место на листата од 100 најдобри мајстори на тој инструмент што ја состави престижниот магазин РОЛИНГСТОУН, а неговите бравури во Самба па ти, Оје комо ва, Џинго, Блек меџик вуман, Еуропа, Евил вејс, Смут...и натаму ќе бидат синоним за неконтролиран излив на емоции.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG