Достапни линкови

Самит на Г-8 - светската економија и натаму нестабилна



Лидерите на 8-те индустриски најразвоени земји во светот, на самитот во Италија денеска ќе се обидат да најдат заеднички јазик за глобалното затоплување и за меѓународната трговија, во услови кога сиромашните земји бараат концесии. Вчера, на првиот ден од состанокот, лидерите договорија мерки за намалување на емисијата на штетни гасови.
Американскиот претседател Барак Обама претседава на дискусијата за климатските промени, но Кина и Индија не се согласија со предлогот за двојно намалување на емисијата на штетни гасови до 2050-та година. Британскиот премиер Гордон Браун оцени дека договорот е добра основа за поширока акција на наредната конференција на Обединетите Нации за климатските промени, што треба да се одржи во декември во Копенхаген. Проблем е што на самитот не присуствува кинескиот претседател кој се врати во земјата поради етничките судири во северозападна Кина. Преговарачите од Индија бараат најнапред богатите земји да обезбедат поголема финансиска помош за справување со поплавите, сушите и растечкото ниво на морињата.
На денешната агенда се наоѓаат и економските теми, при што некои земји нагласуваат дека ги трпат последиците од светската финансиска криза, за која не с евиновни. Кина, Индија и Бразил го наметнаа прашањето за барање нова глобална валута за девизните резерви, како алтернатива на доларот. Инаку, оценката на Г-8 е дека економската ситуација и натаму е нестабила и оти треба да продолжат индивидуалните и колективните мерки за заздравување на светската економија. Италијанскиот премиер Силвио Берлускони, изјави

“Решивме дека е важно да биде обезбедена сета можна подршка што владите можат да му ја дадат на банкарскиот систем, на производството и секако на оние луѓе што останаа без работа”.

На последниот ден од самитот, утре, ќе се приклучат и претставници на 9 африкански земји, кога главна тема ќе биде гладта и помошта за земјите во развој. На самитот, во политичкиот дел, доминираат нуклеарните закани, односно кризите со Северна Кореја и Иран. Францускиот претседател Никола Саркози најави и конкретни чекори.

“Ќе го разгледаме прогресот во врска со нуклеарните преговори со Иран и доколку до септември не биде постигнат некаков напредок, заедно ќе ги превземеме неопходните мерки”.

Известувачот на Радио Слободна Европа од Италија јавува дека ставот на Г-8 во врска со Иран ќе зависи од тоа што договориле Обама и Медведев на нивната средба во Москва, бидејки Русија засега се противи на пооостри мерки против Иран.
  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG