Достапни линкови

Американските војници се повлекуваат од градовите во Ирак


Пентагон соопшти дека ирачките сили на кои веќе им биле предадени околу 120 бази се подготвени целосно да ја преземат безбедноста во градовите.

Ирачкиот премиер Нури ал Малики денешниот ден го прогласи за Ден на национален суверитет. Повлекувањето е дел од билатералниот безбедносен договор со кој се предвидува американските сили целосно да заминат од земјата до 2012 година. Вчера ирачките војници парадираа низ улиците на Багдад откако американските сили ги напуштија нивните позиции.

,,Ирачката влада има доверба во способноста на нејзините безбедносни и воени сили во справувањето со безбедносните прашања и во контролата на ситуацијата и покрај нападите на терористичките групи. Овие напади немаат да имаат ефект врз процесот. Сите пријатели на Ирак се среќни и ја сфаќаат важноста на ова предавање на контролата.,,

Изјави шефот на ирачката дипломатија Хошијар Зебари. Портпаролот на Пентагон Брајан Витман изјави дека Соединетите држави затвориле или им предале на локалните власти околу 120 бази во Ирак. Командантот на американските сили во таа земја генерал Реј Одиерно изрази уверување дека е вистинско време за примопредавње на должностите:
Ирачките сили многу работеа и веруваме во нивната способност. Нема сомневање дека и натаму ќе има терористички напади, но верувам дека тие ќе се соочат со обединетиот дух на ирачкиот народ...


,,Изградивме цврсто партнерство во изминативе две ипол, три години, кога нападите во Ирак беа за десет пати побројни од денес, кога гинеа голем број цивили. Работевме напорно да го постигнеме тоа. Партнерството ќе го продолжиме и натаму, но сега водството го преземаат ирачаните.,,

Генерал Одиерно прецизира дека во минатата година имало 3250 напади, што било за половина помалку од 2006 година. Од друга страна пак, од 20 овој месец во бомбашките напади во Багдад и Киркук загинале над 200 ирачани. Сепак, како што изјави и американскиот амбасадор во Ирак Кристофер Хил, сега бил вистински момент ирачаните да ја преземат безбедноста во свои раце:

Амбасадорот на САД во Ирак Кристофер Хил
,,Нашата војска која работеше со ирачките безбедносни сили процени дека тие се подготвени да преземат дополнителни задачи. Ирачките сили многу работеа и веруваме во нивната способност. Нема сомневање дека и натаму ќе има терористички напади, но верувам дека тие ќе се соочат со обединетиот дух на ирачкиот народ.,,

Изјави амабасадорот Хил. Станува збор за над 200 илјади тренирани припадници на безбедносните сили кои заедно со над 300 илјади припадници на регуларната полиција, според оценките на Пентагон, ќе можат да се справуваат со Ал Каида и специјалните групи поддржани од Иран кои оперираат во земјата. Во Ирак се уште има 133 илјади американски војници.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG