Достапни линкови

Како до побезбедна Европа?


Шефовите на дипломатиите на ОБСЕ вчера на Крф се согласија да покренат сеопфатна дебата за европската безбедност која се соочува со нови предизвици.

Во завршната изјава од состанокот на ОБСЕ се наведува дека било заклучено да започне таканаречен процес од Крф за подобро справување со предизвиците со кои се соочува европската безбедност. Тука, пред се се наведува дека тоа треба да биде сторено преку конкретни чекори кои ќе доведат до враќање на довербата во Европа. Претседавачот на ОБСЕ, шефот на грчката дипломатија Дора Бакојани, на завршната прес конференција изјави дека ОБСЕ претставува природен форум на кој се расправа за безбедноста на Континетот.

,,Министрите се согласија дека е време да се размисли за тоа оти остана многу недовршена работа и оти визијата за обединет континент, граден врз универзални принципи и неделива безбедност се уште е цел, а не и реалност.,,

Постојаните претставници на ОБСЕ во Виена во наредниот период треба да подготват предлози за посодржински дијалог на идната средба на министрите што кон крајот на годинава треба да се одржи во Атина. На вчерашниот состанок повеќе министри од Европската унија изразија резервираност за рускиот предлог за таканаречена нова безбедносна архитектура во Европа, наведувајќи дека не треба да се прават некакви промени во постојните институции. Москва предложи нов договор со кој им се гарантира еднаков статус на земјите кои ќе бидат опфатени со него, а притоа се исклучуваат воените сојузи.
Визијата за обединет континент, граден врз универзални принципи и неделива безбедност се уште е само цел, а не и реалност...


,,Искрено, тоа не беше во центарот на дискусијата, бидејќи ние не знаеме за какви всушност предлози би требало да разговараме. Но, едно е сигурно, ние мора да разговораме со русите за безбедноста на Европа.,,

Изјави шефот на француската дипломатија Бернар Кушнер. Според дел од министрите, најдобро ќе биде доколку се зацврснат сегашните структури како например ОБСЕ. И покрај заложбите за дијалог, сепак на состанокот не била постигната согласност за задржување на набљудувачката мисија на ОБСЕ во Грузија. Кремљ и натаму одбива да го обнови нејзиниот мандат, кој истекува во декември годинава. Генералниот секретар на НАТО Јап де Хоп Схефер призна дека се уште постојат фундаментални разлики во мислењето меѓу алијансата и Москва околу Грузија. Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на Крф повтори дека руското признвање на незвисноста на двата грузиски региона Абхазија и Јужна Осетија е неповратно. На ова веднаш реагираше заменик американскиот државен секретар Џејмс Стајнберг:
Шефот на руската дипломатија Лавров во дијалог со еврокомесарот Солана

,,Мислам дека имаше многу јасна порака оти членките на Алијансата се за почитување на грузискиот територијален интегритет и оти немаме намера да признаеме некаков обид за создавање одвоени држави во рамките на Грузија.,,

Москва ги замрзна односите со НАТО по минатогодишната петдневна војна меѓу Русија и Грузија. Тие почнаа да се затоплуваат со доаѓањето на претседателот Барак Обама, а Москва со посебни договори соработува со Соединетите држави, Франција и Германија со тоа што преку нејзина територија се снабдуваат нивните војници во Авганистан. Состанокот на ОБСЕ се одржа на две недели пред најавената посета на Обама на Москва кога, како што се очекува, треба да биде постигнат договор за целосно обновување на воената соработка.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG