Достапни линкови

Иднината на Србија е во Европската унија


Борис Тадиќ, претседател на Србија
Борис Тадиќ, претседател на Србија

Србија како еден од гарантите на Дејтонскиот договор може да помогне во постигнување мирно и одржливо решение во Босна и Херцеговина, вели српскиот претседател Борис Тадиќ во интервју за Радио Слободна Европа. Во разговорот што го водеше директорот на Балканскиот сервис Гордана Кнежевиќ тој зборува и за европските перспективи на Србија.

Од преземањето на функцијата во две илјади и четвртата година српскиот претседател Борис Тадиќ беше фален поради тоа што го приближи Белград кон Запад и оти ги смири националните страсти што го дестабилизираа Балканот во минатото. Во исто време тој остро се противи на признавањето на Косово и е критикуван од Хашкиот трибунал затоа што не помага во апсењето на Ратко Младиќ. На прашањето која, според него, е најголемата пречка на Србија на патот кон Европската унија вели:
Претседателот на Србија Борис Тадиќ во разговор со претседателот на РСЕ Џеф Гедмин и со директорот на Балканскиот сервис Гордана Кнежевиќ

,,Најголемата пречка е... Всушност мислам дека ние немаме пречки, но некои држави во Европската унија доволно не го препознаваат нивото на соработката со Хашкиот трибунал, и тоа претставува пречка. Тука мислам на Холандија. Другите мислат дека доволно соработуваме.,,

Наведувајќи дека Србија досега има испорачно во Хаг 44 луѓе, Тадиќ вели дека соработката ќе продолжи и оти тоа Србија го прави не заради Европската унија, туку за помирување на народите во регионот.

,,Се надевам дека Младиќ е во Србија, но моментално не можам да кажам со сигурност дека тој е во земјата. Во минатото ние верувавме дека некои воени злосторници беа во Србија, а беа во други држави и беа апсени таму. Ги продолжуваме нашите напори.,,

Одговорајќи на прашањето дали Србија во наредните пет години ја гледа како членка на НАТО, српскиот претседател Борис Тадиќ вели дека земјата е во Партнерството за мир и оти постои простор за натамошна соработка со Алијансата

,,Пред неколку години нашиот парламент усвои резолуција со која се декларира неутралноста на Србија. Што ќе биде во наредните пет, десет години тоа останува да го реши српскиот народ, можеби на референдум. Засега е премногу рано да се зборува за НАТО интеграција.,,
Целосно сум уверен дека целиот Балкан мора да биде интегриран во Европската унија, но во исто време секоја голема земја има интереси на Балканот поради енергијата и инфраструктурата. Ако Соединетите држави имаат легитимни интереси на Балканот, тоа значи дека ги има и Европската унија, но и Русија и Кина...



Во врска со тоа како ја гледа улогата на Русија на Балканот, Тадиќ констатира дека секоја голема сила има стратегиски интерес во регионот со оглед на фактот дека е најкратката врска меѓу Европа и Азија:

,,Целосно сум уверен дека целиот Балкан мора да биде интегриран во Европската унија, но во исто време секоја голема земја има интереси на Балканот поради енергијата и инфраструктурата. Ако Соединетите држави имаат легитимни интереси на Балканот, тоа значи дека ги има и Европската унија, но и Русија и Кина.,,

Тадиќ додава дека Србија има интерес и за воспоставување добри односи со Соединетите држави без оглед што, како што вели, двете страни не делат исто мислење за некои политички прашања, пред се во врска со независноста на Косово. Одговорајќи на прашањето дали постои притисок од Брисел да помогне во решавањето на проблемите во Босна тој вели:

,,Не чувстувам никаков притисок. Србија е фактор на стабилноста во Југоисточна Европа. Ако немаме стабилност и демократија во Србија, нив нема да ги има ни во другите земји. Мојот принцип е јасен: Никакво наметнато решение не е прифатливо, туку само демократски дијалог меѓу трите народи во Босна со почитување на Дејтонскиот договор. Веќе нема да има војни и насилство, туку дијалог.,,

Изјави претседателот на Србија Борис Тадиќ во интервјуто за Радио Слободна Европа.
XS
SM
MD
LG