Достапни линкови

Продолжуваат македонско- грчките разговори


По четиримесечен „мораториум“ поради изборите во Македонија и во Грција, во Женева денеска продолжуваат македонско-грчките разговори со посредство на ОН за спорот околу името. Медијаторот Метју Нимиц ќе се сретне со претставниците на двете земји Зоран Јолевски и Адемантиос Василакис, по што на 6-ти јули доаѓа во Скопје, а два дена подоцна и во Атина. Нема официјална најава дали Нимиц ќе изнесе нов предлог или ќе се разработува неговиот „сет идеи“ од последната рунда разговори на 11-ти февруари во Њујорк, во кој според медиумите во двете земји, како можно решение беше посочено името „Северна Македонија“. Во пресрет на повторното заживување на разговорите, шефот на дипломатијата Антонио Милошоски изјави дека Македонија е подготвена да вложи максимални напори за да се дојде до компромис, но, не едностран или диктат со кој едната страна би била победник, а другата поразена или понижена. За разумен компромис со кој нема да биде засегнат македонскиот идентитет, се заложи и претседателот Ѓорге Иванов, иако, вели, двојната формула останува официјален став. Премиерот Груевски, пак, инсистира крајниот збор за евентуалниот компромис да го кажат граѓаните на референдум. Позицијата на Грција, како што изјави во петокот заменик министерот за надворешни работи Јанис Валинакис, останува едно заедничко прифатливо име со географска одредница за севкупна употреба. Премиерот Костас Караманлис, по враќањето од Самитот на ЕУ во Брисел, рече дека „Грција во последниот период направила значителен напредок во однос на спорот за името“, без да образложи за каков прогрес станува збор.
XS
SM
MD
LG