Достапни линкови

logo-print

Меѓупартиски пресметки во Куманово


Куманово

Куманово

Локалните партиски лидери во Куманово меѓусебно се пресметуваат околу контролата на локалните комунални претпријатија. Назначувањето на членовите на управните и надзорните одбори од СДСМ ги разлути оние од ВМРО ДПМНЕ

Мнозинството на општинските советници од коалицијата „Куманово во срцето“ во Куманово полека но сигурно целосно ја задржува контролата на локалните комунални претпријатија. Тие сметаат дека тоа е во интерес на граѓаните. На ова реагираат од опозиционата коалиција „За подобра Македонија“, кои на почетокот најавија конструктивна опозиција. И тие за доброто на граѓаните. Меѓутоа, назначувањето на членовите на Управните и Надзорните одбори во јавните претпријатија само од сдсмовската коалиција ги онерасположи оние од вмровската.
Бобан Николовски од ВМРО-ДПМНЕ за ова забележува:

,,На виделина излезе „транспарентноста“ на работата на СДСМ и конструктивноста на нивната советничка група. Баравме во Управните и во Надзорните одбори да имаме само по еден претставник за да имаме информација како контролен механизам за целосен увид на работата на ЈП,за да можеме да разгледуваме и да анализираме.Со еден член не можеме да ја смениме одлуката."

Николовски додава дека сите членови на УО и НО на ЈП се само партиски војници на СДСМ заслужни за минатите избори,за што според него добиле ваква награда.

,,Тие добија награда, но не знам дали тоа ќе биде награда и за граѓаните на Куманово, бидејќи стручноста на одредените членови е доста сомнителна. Затоа во иднина одговорноста ќе им ја препуштиме на СДСМ."

Николовски вели дека нивната советничка група до сега се однесувала како конструктивна опозиција како и што им ветила на граѓаните,за што постојат и писмени докази за добри предлози.

Претседателот на општинскиот Совет Виктор Цветковски пак смета дека мнозинството на членовите од сдсмовската коалиција подразбира и на изборите добиена доверба од граѓаните.

,,Ја презедовме одговорноста и апсолутно сметаме дека за квалитетното работење на ЈП и УО и за кадровската екипираност ја презедовме ние. Ветивме дека Општината Куманово ќе продолжи да се развива во еден модерен град."

За партиципирање во локалната власт на опозицијата Цветковски додава:

,,Нема место за пропорционално пополнување на места затоа што нема квалитет во таква ситуација."

За професионализмот на членовите во УО и НО Цветковски со став:

,,Се работи за исклучителни професионалци, при што е водена сметка и за исполнување на законските услови.Досегашниот професионален ангажман на овие луѓе докажал дека квалитетно можат да ја извршуваат и оваа работа во интерес на граѓаните и согласно Законот за јавни претпријатија."

Смета Цветковски. А граѓаните пак ќе имаат доволно време да ја сондираат работата на комуналните претпријатија од чии резултати не секогаш се сосема задоволни.
  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG