Достапни линкови

Иран - Ахмадинеџат победи на претседателските избори


Махмуд Ахмадинеџат

Махмуд Ахмадинеџат

Махмуд Ахмадинеџат е победник на вчерашните претседателски избори во Иран. Според нецелосните податоци на Државната изборна комисија, Ахмадинеџат освоил 18,8 милиони гласови, додека неговиот против-кандидат, реформистот Мир Хосеин Мусави 9,3 милиони.
Подржувачите на Ахмадинеџат слават
Одзивот на гласачите бил рекорден во иранската историја, околу 80 насто, поради што и гласањето беше продолжено речиси до полноќ. Меѓутоа, Мусави оцени дека изборите биле нерегуларни и побара од врховниот верски лидер Али Хамени да интервенира и да го спречи, како што рече, кршењето на законот. За време на вчерашното гласање, во Иран не функционираа Ес Ем Ес пораките, кои беа главно средство за анимирање на подржувачите на Мусави, а беа блокирани и веб страниците кои му даваа подршка.
Тие ја уништија земјата, а сакаат да продолжат да ја уништуваат и во наредните 4 години
Како што јавуваат агенциите, денеска во Техеран дошло до судири меѓу полицијата и подржувачите на Мусави, кои протестираат против, како што сметаат, изборните нерегуларности. “Тие ја уништија земјата, а сакаат да продолжат да ја уништуваат и во наредните 4 години”, изјавуваа демонстрантите. На весниците во Иран, кои го подржуваа Мусави и во денешните изданија имаа подготвено наслови дека тој е победник, им беше наредено да ги отстранат таквите написи, па излегоа со празнини на некои страници.
Мир Хосеин Мусави
Од друга страна, подржувачите на Ахмадинеџат ја слават неговата победа низ улиците на Техеран. Западот со внимание ги следеше изборите во Техеран, надевајки се на промена на политиката на остра реторика и на можност за компромис околу иранската нуклеарна програма. Американскиот претседател Барак Обама, кој повика на дијалог со Иран, вчера оцени дека гледа можност за промени во американско – иранските односи. “Фактот дека имаше робустна дебата во предизборната кампања, отвора нови можности”, изјави Обама.
  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG