Достапни линкови

Слаѓана Тасева, претседател на ,,Нулта Корупција"


Слаѓана Тасева, претседател на „Нулта Корупција“
Слаѓана Тасева, претседател на „Нулта Корупција“

Корупцијата е заеднички именител на целата содржина на извештајот на ЕК. Од резултатите од глобалниот параметар годинава, можеме да констатираме дека не сме покажале напредок во клучните области

Колку според податоците на Транспаренси Интернешнал може да се каже дека има напредок, во решавањето на проблемите посочени во извештаите на ЕК на планот на борбата против корупцијата?

Во тие извештаи од ЕК постојано ни се посочува проблемот со имплементацијата на законите што сме ги донеле, проблемот со владеењето на правото, судството, знаете дека ефикасноста на судството е еден од критериумите што ги добивме, понатаму проблемот со вработувањата во јавната администрација, независните институции, проблемот со политиката и политичките партии и секаде во тие проблеми провејува корупцијата. Корупцијата е заеднички именител на целата содржина, во сите делови на извештајот на ЕК дури и во делот за економијата, авторските права итн. Од резултатите од глобалниот параметар оваа година, можеме за жал да констатираме дека не сме покажале напредок по клучните области, во областа на владеење на правото, судството, јавната администрација, политиката, затоа што како најкорумпирани повторно се посочени политичарите и парламентот. Наместо да настојуваме да најдеме решение за овие клучни проблеми, ние постојано се соочуваме и на некој начин како да ги прифаќаме негативните извештаи.

Sladjana Taseva
Со ова истражување се опрфатени 69 држави. Единствено кај нас има толку висок процент, односно 80% од граѓаните сметаат дека корупцијата е високо изразена во судството. На што се должи ваквата оценка?


Ставовите на граѓаните, кои што се испитувани овде, се однесуваат на нивното лично искуство. Значи тие зборуваат од сопственото искуство или од искуството на некој нивни близок. Многу често граѓаните на Македонија имаат допир со судството. Значи овде зборуваме за нешто што се случило, нешто што е доживеано, нешто што граѓаните имале лично искуство и затоа сметам дека овие показатели се релавантни и дека треба многу сериозно да се земат во предвид, затоа што ми се чини дека ова досега е најлошиот резултат во однос на корупцијата во судството, затоа што толку висок процент на граѓани искажале толку негативни ставови.

Можно ли институциите како судството, Уставниот суд, да се споредат со оние во регионот од аспект на влијание на политичките елити врз нив?

Би сакала да можат, затоа што во другите држави во регионот и пошироко, воопшто не се зборува за влијание на политиката и политичките елити или за било чие друго влијание врз судството. За тоа едноставно не се разговара, тоа не е тема, се смета дека судството е независно, судството е она што е темел за заштита на човековите права во секоја држава и во другите држави не станува збор за било какви можности за влијание. И би рекла дека таков проблем, да се влијае на одлуката на судиите или да се смета дека некој може да влијае врз одлуката на судиите, воопшто не постои во другите држави или пак би можела да кажам, да се најде некаде во оние новосоздадени држави, кои што се исто така членки на Советот на Европа, но никако во демократските држави.

Какво влијание покажува ваквиот индекс на корупција, во странство, кај инвеститорите?

Овие показатели ќе се најдат и во извештаите на Светската Банка и во другите меѓународни организации кои што ја следат состојбата во овој регион и во Македонија како кандидат за членство во ЕУ. Но, исто така овие резултати од страна на меѓународните, глобални организации, ги следат и оние кои што сакаат да инвестираат или кои што се занимаваат со бизнис и економија. Се повеќе корупцијата станува тема и во оваа свера, кога зборуваме за економијата и инвестициите, зборуваме пред се за еден сектор кој што е приватен, значи не е она што се вели, јавен, државен сектор, бизнисмените сакаат да бидат сигурни дека во државата во која што ќе инвестираат ќе ги имаат условите кои што им биле ветени, ќе го добијат тоа што било кажано, но и дека ќе имаат заштита и сигурност во судството во тие држави, така што корупцијата и генерално влијае врз директните странски инвестиции, но исто така се повеќе одбиваат чесните бизнисмени да инвестираат таму каде што малку ќе се сомневаат околу можности за коруцпија или не докрај објаснети состојби во поглед на водење на бизнисот.

Што е добрата вест од овој извештај? Каде имаме слабеење на корупцијата?

Здравството не е толку изразено овој пат, според бројот на негативните одговори на испитаниците исто така и полицијата не е толку високо изразена, но е присутна. Гледате на глобално ниво, полицијата се смета за најкорумпирана. Во Македонија тоа е судството, на трето или четврото место. Значи генерално можам да кажам дека и немаме подобрување, во ниту една од областите кои што се следат, единствено што ние повторно се разликуваме од сите други е тоа што и покрај ваквата состојба, граѓаните на Македонија изразиле многу висок степен на задоволство од она што владата го прави во борбата против корупцијата и би рекла дека тука имаме целосна спротивност. Од една страна незадоволство од работата на институциите, сметање дека тие се многу корумпирани и политиката и јавната администрација, а од друга страна задоволство од работата на владата. Сметам дека ова заслужува сериозно внимание од нашите домашни научници, истражувачи пред се социолозите и криминилозите да се зафатат со продлабочено истражување на овој феномен. Зошто и како се случува да и покрај тоа што граѓаните сметаат дека клучните институции се корумпирани имаат висока доверба во владата во она што таа го прави во борбата против корупцијата, за да можеме да ги најдеме вистинските решенија, како да се справиме со овој проблем, кој што воопшто не бележиме подобрува туку од ден на ден констатираме дека проблемот постои и никако не ги изнајдовме вистинските решенија или пак несакаме до крај да ги имплементираме.

Како ја оценувате улогата на државните тела, во спречувањето на корупцијата?

Дел од нив сосема солидно си ја извршуваат својата обврска, но оние што се најповикани, тоа се и според нашите истражувања и граѓаните сметаат дека е така, а тоа е Државната Комисија за спречување на корупцијата, која што треба да се справи со овој проблем, воопшто не се на висината на задачата. Тие се безлични, безгласни, тие немаат став по однос на овие прашања. Државната комисија за спречување на корупцијата врз основа на своите законски надлежности, затоа што таа мора да има став, мора да излезе со свое мислење во однос на овие состојби со соодветни истражувања и да се занимава со овие прашања. А исто така и состојбата со другите институции, тука би ги посочила пред се Јавниот Обвинител, кој што ништо не прави во однос на корупцијата и имајќи ја ваквата состојба, граѓаните се повеќе се насочуваат кон другите. Народниот правобранител добива зајакната позиција, во однос на борбата против корупцијата од страна на граѓаните, за да си ги остварат своите права кои што на друг начин неможат да ги реализираат.
  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG