Достапни линкови

Претседателот Иванов денеска и утре во Црна Гора


Претседателот на РМ Ѓорге Иванов од денеска престојува во Црна Гора, каде што утре во Цетиње ќе учествува на Самитот на претседатели на државите од Југоисточна Европа на тема „Разновидност на културното наследство-управување и туристичка промоција“. На самитот, освен домаќинот Филип Вујановиќ и шефот на македонската држава Иванов, ќе учествуваат и претседателите на Србија Борис Тадиќ, на Албанија Бамир Топи, на Бугарија Георги Прванов, на Хрватска Стипе Месиќ, на Словенија Данило Тирк, претседавачот на претседателството на БиХ Небојша Радмановиќ, генералниот директор на УНЕСКО Коичиро Мацура и генералниот секретар на Советот на Европа Тери Дејвис. Овој самит, како и претходниот, ќе ја промовира вредноста на дијалогот на културите и цивилизациите како основа за заедничко разбирање и партнерство. Со своја конкретна тема ова разбирање и партнерство ќе се афирмира низ управување и туристичка промоција на разновидноста на културното наследство, се нагласува во соопштението од кабинетот на Вујановиќ. Форумот ќе се одржи под покровителство на шефот на црногорската држава, а во соработка со УНЕСКО и Советот на Европа. На пат за Црна Гора, македонскиот претседател вчера престојуваше во Драч, каде што имаше средба со претседателот на Република Албанија Бамир Топи.
XS
SM
MD
LG