Достапни линкови

Перо Стојановски, Министер за образование


Министерот за образование Перо Стојановски

Министерот за образование Перо Стојановски

Господине Стојановски, какви се плановите на Министерството за образование од наредната година за веронауката и екстерното оценување по нивното укинување од Уставниот суд?

Вака сега, прво не можеме да ги поистоветиме и веронауката и екстерното оценување, затоа што станува збор за сосема различни работи. Имено, Уставниот суд го укина членот 26 од Законот за основно образование каде што се даваше можност за реализирање на веронауката, што е сосема различно од решението за донесување времена мерка, со која се ставија вон сила делови од Законот за основно и средно образование, во кој дел се оспорува процедурата околу организирањето на екстерното оценување. Ние како Министерствто и натаму сме на ставот дека за да можеме да ги имплементираме сите реформи кои се однесуваат на основното и средното образование, гледајќи ги во целина, несомнено е потребно изучувањето на веронауката. Во која форма и облик ќе ја разгледаме можноста, ќе ги видиме искуствата и од другите странски држави. Поголемиот дел од европските држави впрочем и ја реализираат веронауката, и здравје, од наредната учебна година, да видиме во која форма и облик ќе се реализира. Над 70 процети од учениците во петто одделение, нивните родители, се произнесоа дека сакаат да изучуваат веронаука. Се укажува дека овој концепт е вистински и треба да продолжиме во таа насока.

Велите дека Министерството за образование не ја напушта идејата за веронаука во училиштата. За какви решенија се размислува и дали се размисува за одредени промени во Уставот?

Сеуште е рано за да зборуваме било што. Она што сакам да го потенцирам е дека несомнено концептот за веронаука ќе продолжи.

Од наредната година, владата планира зголемување на државите квоти во високото образование. Кои студиски програми ќе бидат опфатени и дали има проекција за кадрите што е потребно да се продуцираат на универзитетите согласно потребите на пазарот на трудот?

Ако го погледнете предлог конкурсот за студиската 2009 – 2010 година, ќе видите дека е зголемен бројот за околу 4 илјади места за запишување на студентите во државна квота во рамките на јавните високо образовни установи. Идејата беше секаде онаму каде што имаме дефицитарен кадар и е потребно да ги поттикнеме нашите матуранти да се запишуваат на струки и профили коишто ќе обезбедат побрзо вработување, да се донесе одлука за финансирање на студентите во државна квота. Тоа се однесува во најголем дел на техничките науки, во делот на информатика, електро техника, мехатроника, техничко технолошките науки, природините науки и во делот на она што сега се соочуваме како проблем, а тоа се преведувачите по англиски јазик, бидејќи навистина имаме дефицит од овој кадар.
Pero Stojanovski

Од идната година ќе се отвораат дисперзирани студии уште во некои градови од државата. Ќе обезбеди ли пари владата за да можат наставничките совети да донесат решение?

Одлуката којашто ја донесе владата за отворање нови дисперзирани студии и факултети за студиската 2009 – 2010 година несомнено ја донесе врз основа на тоа дека се обезбедени и ќе се обезбедат дополнителни средства за да може да се финансира во целост дејноста. Инаку, вие знаете дека јавното образование го финансира владата, што значи дека е направена таква проекција и врз основа на таа проекција е донесена одлуката да се финансираат овие студии. Повеќе од јасно е дека студирањето на матичните факултети и студирањето на дисперзираните студии не чини ништо. Значи, токму од тие причини потребно е да се обезбедат дополнителни средства, за да може дејноста да функционира соодветно нормативите и стандардите.

Дефинирано ли е до каде треба да се оди со оваа работа? Универзитетите се плашат дека отворањето на дисперзирани студии може да се одрази врз квалитетот на работата на матичните институции?

Не би требало да се одрази. Можеби стравот им е оправдан, бидејќи до сега во Република Македонија немало пракса да се размислува за дисперзирање на високото образование и несомнено дека постојат одредени бариери коишто пред се се од психичка природа и коишто треба да ги надминеме. Минатата година се покажа дека функционирањето на дисперзираните студии беше така поставено што не се одрази врз квалитетот. Се надевам дека годинава имаме поголемо искуство за организација, а ние како Министерство сме на располагање да го помогнеме овој процес максимално.

Дали нивното отворање е неопходно и дали тие пари можеби треба да се вложат во подобрување на квалитетот на работата на матичните универзитети со оглед на проблемите на универзитетите?

Со кои проблеми се соочуваат универзитетите?

Просторни проблеми, опрема...

Токму тоа е идејата на дисперзираните студии, се прави деконцентрација на високото образование. Вие знаете дека до сега високото образование беше концентрирано во неколку поголеми градови во Република Македонија, Скопје, Битола, Прилеп, Тетово. Едноставно се деконцентрира високото образование и на тој начин матичните универзитети каде што имаше голема концетрација на студенти се намалува тој притисок. Така што, истовремено се создаваат сите предуслови за реализирање на квалитетна настава согласно Болоњската процедура. Тоа е од една страна. Од друга страна, немате подобар показател од тоа дека ако 2006 година, кога високото образование беше целосно концентрирано и имавте 8 илјади запишани студенти во прва година, со спроведувањето на концептот на дисперзирање на студии и отворање на нови факултети, на нов Универзитет имате 19 илјади студенти, несомнено кажува дека овој концепт оди во вистинска насока, во делот на зголемување на бројот на студенти.

По примерот на други земји, каде имаше протести на студентите меѓу другото и поради чувствителната економска ситуација, имавме слични обиди и кај нас и барања за бесплатно образование, кое беше отфрлено од страна на дел од професорите. Се отвори прашањето колку државата издвојува пари за студирањето на еден студент во споредба со земјите од регионот?

Прво, многу е погрешно ако државата има приод дека треба да финансира по студент рамноправно. Значи, не чини исто студент на електротехнички факултет со студентот на математика, стоматологија, филозофија... Значи, во зависност од студиската програма и чинат студиите. Значи, не можеме да одиме со рамномерен пристап и да кажеме дека ќе го финансираме високото образование по студент. Значи, постојат повеќе критериуми коишто се финансира високото образование. Во моментов еден параметар се студентите, вториот бројот на акредитирани студиски програми, бројот на вработени итн. Знаете дека сега со новиот закон се формираше одборот за финансирање на високото образование и тој одбор има задолжение до крајот на годинава да излезе со јасни мерила и критериуми да излезе со предлог за финансирање на високото образование. Од нив ќе се види која е основната дејност на високото образование, која е суштинската дејност и што е тоа што државата ќе го финансира. Се до тогаш финансирањето на високото образование ќе биде оставено на паушална проценка дали се вложува доволно или не. Врз изградените јасни критериуми ќе се види дали до сега сме вложувале доволно или не.
  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG