Достапни линкови

Почнува Џез Фестивалот во Штип


Музичари

Музичари

Со концертот на групата на Михаил Парушев, во Домот на млади Штип, ќе започне првиот Интернационален АСТИБО ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ. Организатори на оваа тродневна манифестација се Општинската установа за култура и Универзитетот Гоце Делчев.

Со идеја за засилена промоција на современата македонска џез сцена и претставување на актуелните артисти од соседните балкански земји, од 28 до 30 мај, во Домот на младите во Штип ќе се одржи првото издание на АСТИБО ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ. Манифестацијата како иницијатори и организатори ја потпишуваат Општинската установа за култура и Универзитетот Гоце Делчев, посебно неговиот џез оддел.

„Идејата за Џез Фестивалот постои во Домот на младите повеќе години. Но, мислам дека со отварањето на Факултетот за музичка уметност мислевме дека е сега моментот, добар, за да може да се реализира еден ваков музички фестивал.“

истакнува Бошко Симоновски, долгогодишен музичар и продуцент во Дом на млади Штип. Притоа тој наведува дека заради одржувањето на претседателските и локалните избори терминот за отпочнување на Фестивалот неколкупати бил менуван и дека долгогодишната заложба на вљубениците во импровизираната музика од градот конечно го дочекала своето отелотворување.
Инаку, случувањето ќе започне со настапот на групата на тапанарот Михаил Парушев, за да во петок на сцената се искачат најнапред СЕТСТАТ со нивната енергична комбинација на џез, со панк и фанк, а во последно време и со електронска музика, а втората вечер ќе биде крунисана со свирката на квартетот на гитаристот Ѓорѓи Шаревски и потем со перформансот на ансамблот на удиралки кој делува во рамките на џез одделот при Универзитетот Гоце Делчев. За третата и последна вечер се планирани концертите на Изет Кизил, турскиот мајстор на тарабука и други ударни инструменти и претставувањето на проектот насловен како ГИТАРИСТИЧКИ НАПАД во кој покрај Тони Китановски и неговите стални придружници Иван Бејков на бас и Александар Секуловски на тапани, членуваат и Венко Серафимов, некогашниот лидер на групата КОНКОРД и автор на театарска и филмска музика и Драган Гиновски, гитаристот на групите АРХАНГЕЛ и ГИНО ДЕ ГАГИ И НИВНИТЕ СТРАСТИ и соработник на албумот Македонски рози. Се разбира, за збогатување на програмата се предвидени и најразлични свирачки колаборации кои ќе се случуваат по завршувањњето на официјалниот дел од фестивалот.

„Многу е важно покрај турнејите низ Европа, да најдеш време да свириш и во својата земја.“

вели Тони Китановски кој како професор на Академијата за џез како особено важен момент во промовирањето на ваквата идеја го издвојува фактот што на овој начин студентите ќе имаат одлична можност за проверка на стекнатите знаења на оваа високообразовна институција. Организаторите веруваат дека нивната заложба доаѓа во вистинскиот момент и дека овој фестивал ќе ги има сите предуслови да стане традиционален пролетен собир на балканските музичари, та затоа не чуди што Симоновски ќе рече:

„Со една желба да оваа манифестација, овој фестивал прерасне традиционално да се оддржува секоја година.“
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG