Достапни линкови

Македонија лидер по невработеност во регионот


Скопје
Скопје

Со 350 илјади невработени, меѓу нив и 200 магистри и 11 доктори на науки, Македонија предничи по невработеност во регионот. Половина од невработените се неквалификувана и полуквалификувана работна сила

Македонија со близу 350 илјади евидентирани невработени предничи по невработеност во регионот. Според податоците на Агенцијата за вработување, заклучно до крајот на минатиот месец во земјава се регистрирани 349879 невработени луѓе, од кои 20 проценти се изјасниле дека се пријавуваат само за здраствено осигурување, а останатите активно бараа работа. Од нив повеќе од половина се неквалификувана и полуквалификувана работна сила, останатата половина се граѓани со средно или со високо образование. Меѓу оние кои бараат работа се наоѓаат и околу 200 магистри и 11 доктори на науки, покажуваат податоците од Агенцијата за вработување на македонија. Според тие податоци, најмногу има невработени Македонци а висока е стапката и на невработени Роми.

Невработеноста веќе 17 години се смета за еден од најголемите проблеми во државата. Познавачите на оваа проблематика велат дека сега е уште полошо затоа што целиот свет е зафатен со економската криза, и допрва во Македонија се очекуваат бранови на отпуштање на работници.

Од сите држави од поранешна Југославија, најголема невработеност има во Македонија и во Босна и Херцеговина, додека најмал број невработени има во Црна Гора, покажуваат заклучоците на Меѓународна конференција на директорите на јавните служби за вработување на просторите на некогашна Југославија

Со стапка на невработеност поголема од 30 проценти , и фактот што дури половина од маладите во Македонија се невработени , а во услови и на криза, експеритите порачуваат државата да превземи мерки со кои ќе ја ублажи невработеноста.
Освен државната Агенција за вработување во земјава постојат и приватни кои посредуваа при вработување било да е тоа на определено или на неопределено време.Според светските трендови уште во 2003 година, е формирана првата интернет агенција за вработување во Македонија www. vrabotuvanje.com. Во Агенцијата работа бараат разни профили на луѓе, а има и такви кои се веќе вработени, но бараат подобра работа
„Најбарани позиции се административни позиции пред се, офис менаџери, административни асистенти, деловни асистенти, плус сметководство и финансии, како и комерција, дистрибутери, продажни и маркетинг агенти, дистрибутери, исто така и позиции во маркетинг. Најмалку атрактивни, технолошки инженери,“
вели Анета Додева.
Постојат и Агенции за привремена работа. Раде Ненадиќ, директор на агенцијата „Партнер“ вели дека агенциите за привремени вработувања , помагаат за намалување на бројот на невработените.

„За намалување на невработеноста и во борбата со сивата економија во вработувањето. Мислам дека се должи на зајакнат инспекциски надзор од страна на Државниот инспекторат за труд и светската економска криза која ги принудува работодавачите да не примаат работници на неопределено време, туку на определено време на кратки временски периоди, во зависност од имањето работа,“

вели Ненадиќ . Агенцијата постои три години и е формирана веднаш по донесувањето на закон за привремено вработување. Во Македонија сега постојат 25 такви агенции. Ненадиќ вели дека во сите три години имаат перманентно побарување на работа и на работна сила.

Според берзите на трудот најбарани кадри во Македонија во моментов се градежните работници, секретарките, сметководителите, банкарските службеници. Од друга страна во Агенцијата за вработување голем дел од граѓаните со години не можат да најдат работа и покрај факултетската диплома. Најтешко до работа доаѓаат оние кои завршиле општествени или правни науки.Според податоците од Заводот за статистика најголем дел од дипломираните, а и од оние кои се стекнале со диплома магистер своето образование го стекнале на некој од општествените или хуманистички факултети. Додека најмногу доктори на наука има од медицинскиот факултет.Од „ЦС Глобал“, компанија за управување и развој на човечки капитал, велат дека постои голема разлика меѓу понудата и побарувачката на работната сила.

„Тоа воопшто не е релевантно, дали дипломирали, што дипломирале, затоа што тие немаат работни навики. Кај нас луѓето одат на магистратура и докторат од проста причина што немаат што друго да прават во животот по завршување на факултет,“
Во Македонија луѓето одат на магистратура и докторат од проста причина што немаат што друго да прават во животот по завршувањето на факултетот


вели Афродита Кермичиева Пановска, од „ЦС-Глобал“

Друг проблем е и тоа што од факултетите излегуваат кадри што не се спремни веднаш да работат, велат од таму.
Од министерството за образование објаснуваат дека согласно со Болоњскиот закон се обидуваат практичната работа да ја воведат во процесот на образование, за да можат младите веднаш после школувањето да започнат да работат.

„Во текот на целото образование обезбедуваме студентите цело време да бидат во контакт со бизнис заедницата и освен класичното универзитетско знаење да се прилагодуваат и на потребите на пазарот. Значи, се оди кон доживотно учење.“

вели Борче Ангелов од секторот за високо образование.

И од УСАИД работат на проекти за реализација на практиканска работа и вработување. За нив главната цел е да се институционализира практиканската работа во Македонија, а со тоа и компаниите да ги најдат и ангажираат најдобрите таленти на пазарот на трудот. Тие плaнираат оваа година да вклучат 500 студенти во практикантска работа .
Листајќи по огласите низ весниците, на интернет и во агенциите за вработување, се забележува дека најголем број од слободните работни места се во Скопје. Во главниот град има и најмногу невработени или повеќе од 83 илјади луѓе без работа. И податоците на Центарот за економски анализи, покажуваат дека пазарот на трудот и понудата на работна сила се сконцентрирани во Скопје, наспроти останатите градови во внатрешноста на државава. Поголемата раздвиженост во економијата, развиената инфраструктура, и концентрацијата на квалитетниот кадар од целата земја во градот, ги насочува инвеститорите повеќе да вложуваат, во главниот град наместо во останатите. Затоа и најголемиот дел од младите работа бараат токму во Скопје, што доведува до натамошно назадување на другите градови во Македонија.
Влада на Република Македонија

Агенцијата за вработување и Министерството за труд и социјална политика, втора година по ред работат на проектот за
„Самовработубање.„ Минатата година преку овој проект се вработија 2000 луѓе во земјоделството, трговијата, преработувачката индустрија. Вељка Јуриќ од Агенцијата за вработување вели дека за таа цел биле одобрени многу поволни кредити. За секое новоотворено работно место се доделуваат 3.000 евра, со можност да се финансираат проекти со најмногу пет работни места. Корисниците на кредитот со ниска каматна стапка од само еден отсто, истиот ќе го враќаат во рок од три години.
„Исто така, за да отпочне сопствен бизнис, невработените лица кои аплицираа за средства беа и обучувани.“
Но за професорот Љупчо Печијаревски , проектото за „самовработување“ нема многу да помогне за намалување на стапката на невработеност.
„Прво, не станува збор за голем капитал со којшто може да стартуваат и може да го добијат, од една страна, а второ големиот проблем е што воопшто без државата да се потруди да обезбеди пазар, не целосно, туку да им обезбеди пристап до пазар, мислам дека тоа не дава големи ефекти.“

Сојузот на синдикатите бара Владата да донесе пакет мерки за заштита на работниците кои останаа без работа поради економската криза. Од ССМ бараат да се скрати работната недела од 40 на 36 работни часа и да се субвенционираат работодавачите.

„За субвенционирање на трошоците за плата во услови кога би се намалило работното време, се со цел да се задржат работните места,“

вели Пеце Ристевски oд ССМ.

Владата во неколку наврати донесуваше мерки со кои треба да се ублажат ефектите од кризата и да се спречи бројот на нови отпуштања. Во Хрватска со кофинансирање на вработувањето, посебно на оние лица кои најтешко се вработуваат и со прекфалификација се намалил бројот на невработени. Една од мерките што резултирала со најголема ефикасност при намалувањето на невработеност во Хрватска е тоа што е извршена трансформација на процесот на пријавување на невработените. Сега луѓето поединечно се пријавуваат во Фондот за здравствено осигурување и во Агенцијата за вработување. Ефектот од тоа е што стапката на невработени после се намалува врз основа на тоа што најмногу се намалил бројот на студенти кои се пријавувале заради здравствено осигурување но, истовремено не барале работа, а биле заведени во Агенцијата за вработување. Во Бугарија, , се води активна политика во областа на пазарот на трудот преку изготвување годишни национални планови за зголемување на вработувањето.Таму за реализација на мерките годишно се издвојуваат околу 100 милиони евра. Со преземените мерки стапката на невработеност е намалена од 20% на 6%.Со светската економска криза во многу земји се зголеми бројот на невработените. За разлика од нив, Данска може да се пофали со рекордно ниското ниво од само 1,8%. .
  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG