Достапни линкови

logo-print

Семејствата на загинатите бранители незадоволни


Собранието на Република Македонија

Собранието на Република Македонија

Семејствата на загинатите бранители се незадоволни со понудената поддршка од државата. Опозицијата бара законот да се повлече на доработка

Семејствата на загинатите бранители не се задоволни од понудената поддршка од државата. Министерот Коњановски во изјава за медиумите рече дека за едно семејство на загинат мировник од Буџетот се издвојуваат 120,000 евра. Бранко Ѓорески вели дека повеќето права кои со последниот предлог закон му се гарантираат нему, и на другите семејства на загинати бранители, воопшто не се посебни. Реплицирајќи на пресметките на Министерот Коњановски, Ѓорески појаснува:

,,Изброја 150 просечни плати за осигурување и 40 просечни плати за еднократен паричен надомест, за претрпена душевна болка за смрт на блиско лице. Кажа дека за тоа државата од буџетот ќе даде 60 илјади евра. Притоа, заборави да каже, дека 150те просечни плати за задолжително осигурување или во нашиот случај 38 илјади евра не ги дава државата од буџетот туку ги исплаќа осигурителната компанија. Се надеваме дека сега македонската јавност може лесно да пресмета дека тоа се 48 илјади евра, а не како што беше кажано 60. "

Сузана Стојановска додава дека ваков закон требало да се донесе уште одамна, а не по смрттас на македонски мировници:

,,Зошто сега? Требаше ли да се случи ваква трагедија? А, ова е срам што ни го прават."

Министерот за одбрана Зоран Коњановски, во изјава за медиумите викендов рече дека нема да го повлече предлог - законот од дневен ред за доработка. Пратениците на опозицијата се обидоа да го повлечат овој документ од дневен ред на собраниската седница, но амандманот падна на гласање. Пратеничката на СДСМ Цветанка Иванова вели дека ваквиот закон треба да се доработи пред да биде ставен на гласање:

,,Ако имаме општо несогласување за понудените решенија, мислам дека треба како Собрание да ја слушаме јавноста и да седнеме уште еднаш, да ги разгледаме сите прашања и она што е навистина нужно и прифатливо да го вградиме како законско решение"

Пратеничката на ЛДП Роза Топузова Каревска со слично мислење

,,Спорни се деловите околу обесштетувањето на семејствата, коишто ги бараат и тие реагираат. И во секој случај, кога во овие моменти е криза во Македонија, но човечките животи се нешто што најмногу вреди и посебно ако тие се дадени за својата земја."

Инаку, освен семејствата на загинатите бранители во последно време се проблематизира и статусот на професионалните војници, кои се незадоволни од кратките рокови за служба во армијата и се жалат на непостоење на програма за нивно згрижување по отслужување војска.
XS
SM
MD
LG