Достапни линкови

Незавршена приказна - поетска претстава


Скопје

Скопје

Незавршена приказна е насловен проектот што го потпишуваат поетот и новинар Борче Грозданов Пандур, актерката Емилија Андреева и нивните соработници. Ова наедно е и третата премиера на новоформираниот Градски театар Скопје.

По многу години од пионерските зафати на Мите Грозданов и Михаил Ренџов, та потем и напорите на Тихомир Стојановски, Мину Угриновска, Владо Денчов и групата уметници собрани околу СКРБ И УТЕХА, еве нов авторски проект кој може да биде бележан како поетски театар. Незавршена приказна е еден вид поетска монодрама базирана врз стиховите на Борче Грозданов Пандур во која настапува актерката Емилија Андреева, а која како трета премиера на Градскиот театар Скопје, во копродукција со театарот Македонија, ќе се обистини на сцената на Младинскиот културен центар.

„Она кон кое што ние се стремиме и она за што всушност го правевме Градскиот театар е застапување на други театарски форми што во другите театри ги нема.“

истакнува Борис Момировски, директор на МКЦ. Како основа за ова поставка се земени двете поетски дела на Пандур, Пориви и Грст стихови, а говорејќи за инспирацијата и идејата за еден ваков зафат, на само нејзе својствен начин Андреева ќе забележи:
Она кон кое што ние се стремиме и она за што всушност го правевме Градскиот театар е застапување на други театарски форми што во другите театри ги нема



„Сонувајќи за Добредојде, Маконто, Тиквите, насмевнувајјќи се со Корифејот и Мите во поетско-кабаретска имагинација се сретнав со Туте и со нашата Незавршена приказна која трае, трае и ќе трае.“

Од своја страна, пак, Грозданов го нагласува среќниот спој на позитивни енергии и Незавршена приказна и вели:

„Мислам дека успеавме да направиме, како што го нарекуваме со Весна Стојановска, едно бомбонче, кое што се надеваме дека ќе ја допре публиката.“

За дизајнот на светлотото во оваа поетско-театарска поставка се погрижил Илија Тарчуговски, а автор на музиката Иван Бајрактаров кој за својот дел од работата знае да каже:

„Музиката се парчиња кои што треба да отсликуваат одредени состојби.“

Репризата на Незавршена приказна ќе биде во петок, на 15 мај, а потем претставата, заедно со Р од Јордан Плевнеш во режија на Дејан Пројковски и Последната лента на Крап од Семјуел Бекет што ја постави Ристо Алексовски, ќе биде на редовниот репертоар на Градски театар Скопје.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG