Достапни линкови

logo-print

Загриженост за насилствата во Сирија


Во светот расте загриженоста за насилствата во Сирија, посебно за употребата на тенкови и боева муниција против антивладините демонстранти. Во исто време растат и сомневањата дека сириската влада, во справувањето со протестите, има поддршка од Иран.

Во Советот за безбедност на Обединетите нации се во тек консултации за ситуацијата во Сирија до кои дојде по барање на Европската унија.

Според извештаите, Русија и Кина се противеле резолуцијата да содржи силна осуда на сирискиот режим.

,,Ги следиме настаните многу внимателно и со сериозна загриженост. Го осудувам континуираното насилство против мирни демонстранти, посебно употребата на тенкови при што загинаа и беа повредени стотици луѓе“, рече генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун.


Во меѓувреме, американскиот амбасадор во Обединетите нации Сузан Рајс изјави дека постоеле докази оти Иран и давал активна поддршка на владата на сирискиот претседател Башар ал Асад против демонстрантите.

Таа не понуди детали за ваквите наводи, но изјави дека сирискиот режим спроведувал брутална тактика слична на онаа што ја користеле иранските власти против демонстрантите во Иран.

„Наместо да го слуша сопствениот народ, претседателот Асад ги обвинува странците, а во исто време бара иранска помош за угнетување на граѓаните“, изјави Рајс.
Наместо да го слуша сопствениот народ, претседателот Асад ги обвинува странците, а во исто време бара иранска помош за угнетување на граѓаните.


Сириските активисти за човекови права велат дека сириските сили за време на шестнеделните антивладини протести пукале врз демонстрантите при што убиле најмалку 400 луѓе.

Само во текот на вчерашниот ден во градот Дара биле убиени 25 луѓе.

Сириската војска, со поддршка на тенкови и снајперски оган, почнала напад во овој град на југот на земјата каде што веќе еден месец траат протестите против претседателот Асад кој е на власт од 2000 година.


„Жалиме за она што се случува, но вие исто така треба да го признаете фактот дека ови немири имаат и скриени намери“, изјави сирискиот амабасадор во Обединетите нации Башар Џафари.

Сириските власти ја забранија работата на скоро сите странски медиуми и го ограничија пристапот до проблематичните места.


Американскиот секретар за одбрана Роберт Гејтс запрашан зошто НАТО не интервенира во Сирија, како што тоа го стори во Либија, изјави:
Жалиме за она што се случува, но вие исто така треба да го признаете фактот дека ови немири имаат и скриени намери.

„Мислам дека нашите вредности и принципи се однесуваат на сите земји, особено кога станува збор за мирни протести. Тоа значи дека нашата реакција ќе мора да се прилагоди на таа земја.“

На истата прес-конференција во Вашингтон, британскиот секретар за одбрана Лијам Фокс ги повика сириските власти да се воздржат од насилство.

„Длабоко ги осудуваме акциите на владата на Сирија и ја повикуваме да ги преземе сите можни мерки за политички реформи во земјата.“

Во Сирија биле во тек и акции за апсења на оние што учествувале на протестите.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG