Достапни линкови

logo-print

Зоран Заев, в.д. претседател на СДСМ


Зоран Заев, в.д. претседател на СДСМ

Зоран Заев, в.д. претседател на СДСМ

Ако ве прашам господине Заев, што променивте во начинот на функционирање на најголемата опозициска партија, додека сте на функција привремен претседател на СДСМ, што би ми одговориле?

Добро, прво морам да признаам дека прекраток беше периодот за нешто да се почувствува, од она што сите сакавме сите да го промениме во СДСМ, а ќе биде наша главна обврска во идниот период да го промениме, а тоа е нашето однесување како политичари. Сакавме да ја промениме салноснската политика која СДСМ ја води подолг период, и е препознатлива и неприфатлива кај граѓаните. Можам да кажам дека успеавме, покрај тоа што организиравме достоинствена кампања, да покажеме пред нашето членство и пред граѓаните дека можеме да бидеме многу поприсутни на терен во општините директно, кога се носат главните одлуки. Не мора се да се случува овде во Скопје во централата. Тоа е начинот на кој партијата треба во иднина да се однесува. За осум месеци ги поминавме сите општински организации по неколку пати. Воведовме нови концепти на политика, значи децентрализирано одлучување во делот на кандидирање и постапките за избор на кандидати за Советници и градоначалници. Многу порано почнавме со постапката за кандитирање од тоа што партијата го правела. Наметнавме некои работи коишто едноставно членството ги бараше од нас долг период, но никогаш не беа практикувани.
Zaev
Факт е дека СДСМ претрпе пораз, особено на последните локални избори. Направивте потоа анализи за главните причини поради кои ви се случија лошите изборни резултати?

Првиот заклучок од вкупно 20 и неколку заклучоци од извештајот кој е усвоен на Централниот Одбор е подготвен за Конгресот на партијата е дека СДСМ констатира изгуби на овие избори. Силно изгуби на изборите, затоа што дефинитивно како и да ги правиме параметрите за вкупниот број гласови ние ги изгубивме општините. ВМРО ДПМНЕ освои повеќе од 55 општини, ние имаме 7 општини наши како СДСМ и овде е јасно кој ги изгубил изборите. Но, целта на в.д. мандатот на партијата, заради тоа што покрај јас целата партија со мене беше во в.д. мандат беше да се носиме како СДСМ достоинствено во овој тежок период за партијата. Стартните позиции ни беа изборите 2008 година каде што буквално изгубивме во сите општини во државата и тоа беше појдовната основа, да направиме чекор плус. Ние направивме чекор плус. Воведовме нов тип на камапња од врата на врата. Проект 10, секој наш член да биде врзан со десет сигурни гласачи. Воведовме нови пракси кои ќе и бидат добредојдени на партијата. Истовремено заклучивме дека во одредени општини, во четири пет општини, ние во континуитет губиме со големи разлики, Гази Баба во Скопје, Ѓорче Петров, Прилеп, Битола, Кавадарци, каде што партијата мора да направи нови иницијативи, за да можеме полека да ги менуваме состојбите. И можам да кажам дека сум задоволен затоа што направивме чекор плус. Но, сигурно СДСМ и јас како сеуште актуелен претседател на партијата не можам да бидам задоволен од резултатите на изборите и сигурно тоа ни претставува дополнителен терет како партија и мене како еден од членовите на партијата коишто котираат во врвното раководство, нешто драстично да се менува во СДСМ во иднина.

СДСМ веќе подолго време функционира како пасивна опозиција. Се добива впечаток дека воопшто немаме опозиција. Спомнавте дека ќе воведувате новини, но конкретно ме интересира каква ќе биде вашата идна политика. Со каков тип на програма ќе се наметнете на местото кое ви припаѓа како партија, што е најголема опозициона партија?

Преку 95 проценти од нашиот опфат на нудење на политики ќе биде економијата. Се разбира, од опозицијата се очекува да биде коректив по сите важни прашања во државата, но дефинитивно најважното прашање на коешто ќе се бијат политичките битки во иднина ќе бидат економските прашања. Намерата е да излеземе со целосен концепт на економски решенија на проблемите на граѓаните, коишто иако опозиција, прифаќајќи го целиот ризик дека власта може да преземе дел од овие работи и да ги имплементира, сепак знаеме дека мораме да бидеме препознаени по она што го нудиме. Во СДСМ проблеми не се кадрите, јас сум убеден во тоа. Проблеми се решенијата. Ние немавме решенија во минатото и сеуште немаме решенија коишто граѓаните очекуваат да ги препознаат како алтернатива на решенијата што ги нуди власта. И тоа мораме да го правиме интензивно.

Господине Заев ви пречи ли тоа што ве доживуваат како продолжена рака на Бранко Црвенковски?

Сите претседатели после Бранко Црвенковски биле доживувани како продолжена рака на Бранко Црвенковски. Јас знам дека барем исто си ја сакам партијата како Бранко Црвенковски. За мене, СДСМ е алтернативата на напредокот на Република Македонија. Овде ги имам препознаено вистинските политики со коишто можам да кажам дека ќе видам еден мал сегмент да придонесам во подобрата иднина на Република Македонија. Не патам од суети. Знам дека презедов неблагодарна обврска, со лимитиран мандат, притоа морате да спроведете кампања. Сите оние кои очекувате да ви помогнат без разлика дали се спонзори, членство, соработници знаат дека завршувате во одреден период и беше тешко да се води партијата во овој период. Но, чувството и љубовта кон СДСМ прави да се справите со сите работи. Мислам дека успеавме. Во СДСМ има квалитетни луѓе. Добри граѓани на Република Македонија кои ислучиво и мислат добро на државата, сакаат да бидат дел од оние кои придонесуваат за подобра иднина на сите и знаат дека тоа го прават од љубов кон партијата, тоа го правам и јас, никогаш за да бидам продолжена рака некому или јас да очекувам некој мене да ми биде продолжена рака.

Што очекувате да промени враќањето на Црвенковски во партијата? Дали мислите дека тој е вистинскиот човек кој може да го обедени СДСМ?

Во СДСМ постојат неколку нивоа на проблеми. Едниот проблем е нашата нецелосна консолидација во партијата. Иако никој не одби задача на овие избори, од било кој во партијата, сепак се чувствува дека сеуште провејуваат суетите и разединетост. Сеуште во одредени општински организации има делби и поделби од секаков карактер. За да можеме да понудиме вистински решенија, преку вистински луѓе на граѓаните на Македонија мораме да решиме таканаречени претходни состојби во партијата. Тоа е предноста на Бранко Црвенковски, заради неговото искуство, неговиот авторитет пред се пред членовите на СДСМ ќе успееме и јас сум убеден дека тоа ќе го постигнеме. А, после тоа каква слика ќе оставаме пред граѓаните зависи од сите нас.

Преминуваме на друга тема, каква е стратегијата на СДСМ во однос на идните преговори за името? Треба ли нешто да се менува?

Владата мора да ретерира, пред се премиерот Груевски со барем последниот нивен став двојна формула. Нема решение. Или ќе се бетонираме на двојната формула, и со тоа ќе престанеме да преговараме или ќе мораме да направиме чекор плус ако сакаме да продлжат преговорите, со надеж дека ќе се најде решение. Кога зборуваме за најважните цели на државата, ЕУ и НАТО секогаш на преден план е решение на проблемот со Грција. Нашиот став е јасен и ќе го повторам. За нас е прифатлива географска одредница за името како замена за ФИРОМ, притоа, добивајќи гаранција за нашето уставно име, нечепкајќи по пасошот, идентитетот, јазикот, културата и нашата национална посебност.

Во моментов, какви се вашите проценки за таа евро атлантска перспектива на Македонија?

Јас сум среќен поради тоа што новоизбраниот претседател на Република Македонија е целосно компатибилен со нашиот став. Во поглед на решението на проблемот со името. Ме прави среќен и тоа што премиерот се повеќе користи нови фрази, разумен компромис, двојната формула не се споменува. Тоа значи дека владата собрала храброст, барем во одредена доза, според мене, дека мора да се најде решение, колку побрзо толку подобро.

Но, не ни кажуваат кој е тоа разумен компромис?

Во разговорите со ново избраниот претседател ние дефиниравме дека тоа е име за меѓународна употреба. Тоа е на средина пат. Значи, двојната формула нашиот бетон и најмногу ни одговара да, како Република Македонија, но нема решение, од друга страна е име за секаква употреба, значи тоа што го бара Грција, промена на нашето уставно име. На средина пат, тоа што треба да се договориме.

И за самиот крај, како ќе ја оправдате довербата на граѓаните кои ви подарија втор градоначалнички мандат?

Со многу работа. Јас добив многу повеќе од тоа што го очекував како гласови во Струмица. Пред четири години со пет кандидати победив во првиот круг со 17 илјади и 100 гласа. Сега добив 21,500 гласа. Тоа е огромна поддршка, но пред се огромна одговорност. Настапив со многу конретна програма, којашто веќе ја работам. Немаме буквално ниту ден за чекање. Имаме одлични проекти, силна општина создадена, треба да чекориме многу силно пред другите општини. Јас се надевам дека ќе продолжиме, барем ако не повеќе со ист интензитет со којшто работевме претходните четири години. Се надевам дека државата ќе има поголема храброст во наредните процеси на децентрализација на власта кон сите општини во Република Македонија. Со тоа ќе добиеме уште поголема можност да ги истакнеме нашите менаџерски способности, а со тоа и повеќе решени проблеми на граѓаните. Подготвени сме, имаме одличен тим и мислам дека тоа ќе биде така.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG