Достапни линкови

Вашингтон смета дека Балканот не е зафрлен европски двор


Потпретседателот на САД Бајден и генералниот секретар на НАТО Схефер во Брисел

Потпретседателот на САД Бајден и генералниот секретар на НАТО Схефер во Брисел

Потпретседател на САД Џозеф Бајден овој месец ќе престојува на турнеја по Западен Балкан. Тој ќе ги посети Босна, Србија и Косово. Дали Вашингтон ја менува политиката спрема регионот?

Џозеф Бајден за свој втор престој во Европа откако пред неколку месеци беше избран за американски потпретседател го одбра Западен Балкан. Тоа, според Џонатан Ајл, директор во британскиот Кралски институт за одбранбени и безбедносни студии, е јасна индикација дека Соединетите држави сакаат да ги размрсат преостанатите балкански јазли. Притоа, како што додава, новата американска администрација има намера регионалните предизвици да ги решава на начин со кој ќе бидат опфатени сите нивни аспекти.
Џонатан Ајл


,,Има неколку објаснувања, а најдоброто е она што се гледа од почетокот на новата администрација дека потпретседателот Бајден добил пошироки овластувања за Европа. Тој беше прв член на кабинетот на Обама кој го посети Стариот Континет. Второ, претстојната посета на Западен Балкан е јасен знак дека сегашната администрација на тој регион ќе гледа сеопфатно, наместо делење на фокусот на вниманието.,,

Вели Ајл, додавајќи дека друго е прашањето дали ваквиот поинаков пристап кон Западен Балкан најавува и промена на американската политика спрема регионот. Одговорот е негативен, вели тој потенцирајќи дека Вашингтон, и со посетата на Бајден, испраќа порака дека Балканот не е зафрлен европски двор и оти е дел од американскиот интерес. За тоа какви би можело да бидат пораките на Бајден во регионот, Ајл вели:

,,Мислам дека пораките нема да бидат поразлични од досегашните: Србија да ја прифати независноста на Косово како факт, а Босна да гледа преку границите на Дејтон. Пораката до целиот регион ќе биде да ги надмине конфликтите од минатиот век.,,

Според Ајл, во сето ова треба да се има предвид и тоа што администрацијата на Обама го поздрави приемот на Хрватска и Албанија во НАТО и тој успех да си го препише како своја активност на Балканот и покрај тоа што подготовките на приемот на тие две земји се одвивал за време на поранешниот претседател Џорџ Буш.
Претстојната посета на Бајден на Западен Балкан е јасен знак дека сегашната администрација на тој регион ќе гледа сеопфатно.


,,Мислам дека не би било фер да ја критикуваме претходната администрација. Таа потроши многу време на Балканот во почетокот на првиот мандат, иако потоа другите проблеми: како териоризмот и Блискиот и Среден Исток го презедоа водството.,,

Наведува Џонатан Ајл, директор во британскиот Кралски институт за одбранбени и безбедносни студии, кој заклучува дека нема никакво сомневање оти администрацијата на Обама настојува да проектира поинаков имиџ, односно дека е подготвена да го посматра светот како целина и оти тоа му нуди на Западен Балкан можност за исклучителни бенефиции.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG