Достапни линкови

Македонците од Мала Преспа сеуште со нерешен статус


Мала Преспа
Мала Преспа
И по 18 години раселенички живот, државата не им го реши статусот на Македонците пребегани од Мала Преспа во туристичката населба Царина во Отешево. Околу 50 семејства живеат мизерно во старите туристички павиљони кои се во распаѓање. Местото тони во ѓубре, а вода за одржување на хигиената влечкаат по стотина метри од езерото. Повеќето од бегалците се невработени, па немаат пари за сами да изградат свој дом. Досега во неколку наврати, посебно пред избори, им се ветувале социјални станови. Државата им издаде и лични карти за да можат да го остварат нивното гласачко право. Но, по изборите, се жалат дека политичарите ги забораваат и остануваат да живеат во мувлосаните одајчиња. Еве што велат домаќинките од Царина:

,,18 години се првите пребегани тука. Јас сум понова зашто пред неколку години се мажив тука. Условите за живот се никакви. Ни вода нема, а ѓубрињата летат насекаде. Кога ќе дојде за гласање ќе ти ветат, но ништо не прават. Поминаа 18 годино, ако беа за да прават досега ќе направеа нешто. "

"Катастрофа ни е. Еве гледате. Се фалат пред избори, потоа ништо."

,,Децата ни пораснаа сите во една соба живееме, теснотилак. За никаде е, катастрофа е тука животот. Канализациите се дупени и течат од сите страни. Лајна течат да ме простите. Никој ништо не стори. Еднаш ни рекоа дека ќе не сместат во социјалната зградата во Ресен, но им ја дадоа на пријателите, си ја дадоа тие големите на нивните луѓе. Нема ни работа. Жените сега од текстилната фабрика ги бркат, мажите нема каде да работат. Немаме за леб, ми се плаче. Пасоши имаме, но пак ни пишува државјанство Албанија."

Во турситичкиот комплекс Царина денес живеат околу 200 Македонци кои ја напуштија Албанија по падот на режимот на Енвер Оџа. На семејствата кои пребегаа меѓу првите, им пораснаа децата во Царина. Сега тие се оженија,омажија и ги донесоа брачните партнери да живеат во едно одајче заедно со нивните родители. Единствената помош што ја добиваат од државата некои од нив е социјалната помош. Итно решавање на нивното стамбено прашање наметнува приватизацијата на овој дел од Преспа, кого го купи португалската компанија Аквапура и планира тука да изгради елитен туристички комплекс. Пред последните локални избори во Ресен се ветуваше дека ќе се изградат две социјални згради во градот каде ќе се сместат бегалците. Сега им останува само надежта, дека овие ветувања нема да потонат во вода, а државата нема да дозволи еден ден да останат на улица.
  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG