Достапни линкови

logo-print

Долнени конечно доби градоначалник


Прилеп

Прилеп

Долнени е последната општина во државава која по трет пат гласање конечно го избра својот градоначалник, Абдула Бајрамоски од ДУИ. Тој ја извојува битката со 3916, а неговиот конкурент од ВМРО-ДПМНЕ, Боше Милошески освои 3615 гласови. Проблемите со семејното гласање и поголемите конфликти во Дебреште при гласањето во првиот круг, беа причина што изборниот процес беше пролонгиран. По прегласувањето на вториот круг во село Црнилиште на избирачкото место 1475 од 717 избирачи, 539 гласале за Бајрамоски, а само 18 за Милошески. Со тоа Бајрамоски не само што ги потврди, туку и двојно ги зголеми резултатите. По вториот круг водеше со 159, а со прегласувањето со 301 гласови пред својот опонент. Според претседателот на избирачкиот одбор Елида Ѓорѓиоска, овој пат не се евидентирани случаи на семејно гласање:

„Луѓето што побараа помош, му е дозволено да гласаат со помош, бидејќи имаме голем број луѓе кои се изјаснуваат дека се неписмени. И минатиот пат бројката беше 75 луѓе, што се изјаснија дека се неписмени.“

И претседателот на Општинската изборна комисија Зоран Здравески вели со доставување на записникот немало забелешки од политичките партии. Според тоа тој очекува дека овој пат резултатите се конечни. А оваа мултиетничка општина со 11 159 избирачи
Долнени е последната општина во државава која по трет пат гласање конечно го избра својот градоначалник,
има многу барања до новиот градоначалник за подобрување на комуналната слика:

„Нема нешто решено. Сето е како оставено од Тито и така останато. Никој ништо не направил.“

„Треба прво патишта, треба канализација, треба многу работи. “

„За ова време сите партии што влегуваат, ни патот не ни е изграден, никако. “

Велат жителите. Бајрамоски пак кој ќе седне во градоначалничката фотелја која досега му припаѓаше на Изудин Каришиќ од СДСМ најавува комунална офанзива за подобрување на инфраструктурата во општината. Вели првиот работен ден ќе го посвети на интензивирање на работите за изградба на филтер станица, а потоа со ред, чекор по чекор сите напори ќе ги вложи општината да ги решава инфраструктурните проблеми кои се елементарен услов и за бизнис развој.
Инаку жителите на Долнени се занимаваат претежно со земјоделство, во најголема мера тутунопроизводство и сточарство. Речиси 90% од жителите живеат исклучиво од земјоделство, без ниту еден вработен член од семејството.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG