Достапни линкови

Битола развива манастирски туризам


Манастит во битолско
Манастит во битолско

Невладината организација Биосфера од Битола во соработка со црквата започна со подготовка на програма за посета на манастирите во регионот. Целта е пред се да ги вратиме луѓето кон историјата и традицијата, велат од организацијата

Се поорганизирани стануваат иницијативите за развој на манастирскиот туризам во Битолскиот регион. Преспанско-пелагониската епархија ги поседува сите предуслови за тоа. Таа е една од најбогатите во државата со црковно-манастирски добра. Верските објекти се стари неколку века, изобилуваат со специфичен архитектонски стил на градба, фрески и икони. Невладината организација Биосфера од Битола во соработка со црквата започна со подготовка на програма за посета на манастирите во регионот.

„Целта е пред се да ги вратиме луѓето кон историјата и традицијата бидејќи како што одминува времето и како што доаѓаат новите генерации полека овие духовни вредности како да се губат. Нашата прогарама предвидува почнувајќи од еднодневни екскурзии на организирани групи на ученици, студенти и други заинтересирани граѓани до неколкудневни екскурзии, а се разбира и во одредени локации има можности за преноќување“

изјави претседателот на здружението Нешат Аземовски.

Иницијативата започна од манстирот над село Буково, поврзувајќи се со манастирскиот комплекс од селата Горно Ореово и продолжувајќи на северната страна на Баба Планина. Таму се вклучуваат селата Брусник, Дихово, Ниже Поле, Трново, Магарево и Цапари. Некои од овдешните манастири се обновени, како што е случајот со Свети Сотир во Буково, кој располага со 80 легла.

„Она што нас многу пријатно не изненади дека се во навистина одлична состојба, меѓутоа нема некоја поголема активност за промоција и афирмација на можностите кои ги нудат“

додава Аземовски.

Владиката преспанско-пелагониски г. Петар ја подржува иницијативата за развој на манстирскиот туризам, но вели дека нема да дозволи храмовите да прераснат во хотели.

„Манастирскиот туризам го подразбираме во смисла манастирите да бидат уредени да можат да примат гости, да ги видат убавините на фрески, икони, на самите градби, архитектурата на манастирите. Но, не со тенденција да ги претвориме во ресторани или хотели, да биде таму место за пребивалиште на туристите,“

вели владиката.

Според него манастирскиот треба да го потикне селскиот туризам. Така во подпелистерските села туристите би се сместувале во домовите на жителите, каде ќе се услужуваат со традиционална храна или пак во мали мотели и ресторани. За време на престојот би можеле да се организираат посети на манстирите-ризница на македонската црковна култура.
Засега посетите на манастирите се поголеми за време на верските празници, а во конаците во текот на годината престојувачите се ретки.
  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG