Достапни линкови

logo-print
Со црни маички на кои беше испишано „Јас сум новинар и менувам казна за плата, затоа што плата е 200 евра, а казна 10.000 евра“ или „Без статус нема статија“ новинарите, фоторепортерите и снимателите одржаа протест денеска напладне на плоштадот „Македонија“. Протестираа против лошата состојба на новинарството, поради намалената слобода на говор, против влијанието на сопствениците и високите казни и за поголеми плати. Претседателот на ЗНМ и еден од организаторите на протестот Роберт Поповски рече дека од сега нема повеќе да молчат и целата енергија ќе ја насочат кон заштитата на професијата новинар.

„Нема да дозволиме нашата професија и во иднина да служи за потсмев, да се врши терор и агресија врз новинарите. Да бидеме доживувани како извршители на медиумските, политичките, бизнис и какви ли уште не апетити на т.н. македонски моќници. Да бидеме девалвирани, злоупотребувани, малтретирани, понижувани.“

Рече Поповски и додаде дека има сознанија дека во многу редакции на новинарите им било забрането да се придружат на протестот.
Нема да дозволиме нашата професија и во иднина да служи за потсмев, да се врши терор и агресија врз новинарите

За професорот по комуникации, Живко Андревски, слободата на новинарите е релативно ограничена, а тоа го потврдуваат и меѓународните мерења.

„Општеството во целина не напредува и тоа се рефлектира и врз новинарството. Посебно што медиумите во целина се одраз на состојбите на определен начин, односно тие се видлива материја и сите луѓе сакаат во медиумскиот систем да бидат позитивно преставени, односно да не бидат негативно перцепирани.“

Комуникологот Петар Арсовски вели дека изненадува тоа што слободата на медиумите назадува не само во Македонија туку и во светот.

„Мислам дека медиумите ако успеавме во почеток да ги ослободиме како независен центар на моќ ослободен од политички притисок, мислам дека сега повеќе се под економски притисок и притисок од соптвеничката структура.“

Вели Арсовски и додава дека чекорите што ги превзеде ЗНМ за повторна слободна на медиумите се вистински
Од ЗНМ велат дека ако има позитивно реакции на нивните пораки, тоагаш денешниот прв протест ќе биде и последен , но доколку оние до кои ги испратија пораките и понатаму останат глуви за проблемите на новинарите, протестите ќе продолжат и понатаму.
  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG