Достапни линкови

106 години од смртта на Гоце Делчев


Macedonia - Goce Delcev momument, Skopje, undated
Macedonia - Goce Delcev momument, Skopje, undated

Македонските интелектуалци размислуваат на прашањето дали Македонија е таква каква што ја замислуваше Делчев? Тие велат потребна е прагматичност и ослободување од стегите на минатото за решавање на актуелните проблеми

106 години по смртта на големиот македонски револуционер Гоце Делчев, Македонија ги губи вредностите за кои се бореше овој деец, вака размислува интелектуалната јавност на прашањето дали Македонија е таква каква што ја замислуваше Делчев во негово време. Академикот Иван Катарџиев вели дека денеска ни недостига прагматичност за да ги решиме актуелните проблеми и да се ослободиме од стегите на минатото..

„Гоце Делчев би кажал – бидете практични, најдете решение кое нема да го загрози вашиот идентитет, за да отворите простор, да се движите кон Европа што ќе го подобри стандардот на вашите луѓе,“

академик Иван Катарџиев

Идејата на Гоце за Македонија како независна држава е остварена, вели директорот на Националниот институт за историја, Тодор Чепреганов. Но, поради промената на политичките и општествените услови, факт е дека она што денска го имаме е само дел од идеалот за кој живееше и се бореше, Гоце посочува Чепреганов.

„Неговиот идеал за Македонија како самостојна и независна држава со Македонци е реализирана во 1945 година.“


Во денешно време не е применлива ниту Гоцевата Јас го разбирам светот единствено како поле за културен натпревар меѓу народите, велат историчарите.

„Тоа не е применливо на балканскиот простор, ако ви го оспоруваат идентитетот.“
„Тоа е идеја која води кон прогрес, успех и сите народи да живеат со меѓусебно почитување.“

Секое време раѓа соодветни личности, сугерира Катарџиев. Денеска вели тој, ни недостигаат политички и интелектуални кадри кои ќе ги решаваат актуелните проблеми, такви кои ќе бидат ослободени од политичките притисоци.

„За тоа е потребно нашата интелигенција да се ослободи од автоцензурата, да се образува во светот, да комуницира со светот, да ја изнесува својата приказна пред светот и колку што е можно да се ослободи од партиските влијанија.“

Кога Гоце би бил жив веројатно би не советувал да бидеме практични и да не патиме од демагогии и рутини, велат нашите соговорници. Во меѓувреме, останува да процениме дали и колку овие пораки допираат до политичката елита во земјава и времето во кое живееме.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG