Достапни линкови

Светската здравствена организација на само еден степен од прогласување целосна глобална епидемија, или пандемија од свински грип. Но, како луѓето можат да се заштитат од таа болест?

Целото човештво е во опасност од пандемија, оцени генералниот директор на Светската здравствена организација Маргарет Чен која ги повика земјите да ги преземат планираните мерки за справување со болеста. Станува збор за мешање на различни видови вируси, вели за Радио Слободна Европа познатиот британски микробиолог Хју Пенингтон:

,,Овој нов вирус се нарекува свински вирус бидејќи има компоненти од свинскиот грип, но во него има и компоненти од птичјиот и од човечкиот гри. Тоа е сосема нов вирус и е мешавина од вируси кои веќе постојат во светот.,,

Пенингтон вели дека и порано имало случаи на префрлување на вируси од еден животински вид на друг, при што се создавале нови, но овој пат се работи за неговата можност да се пренесува од човек на човек.

,,Тоа е новото во врска со овој вирус. Многу често луѓето кои одгледуваат свињи добиваат грип од нив, но досега вирусот не се ширеше на други луѓе.,,
Засега единствените кои се со можност да бидат заразени се луѓето кои биле во Мексико или имале блиски контакти со некои кои биле таму.

Според Пенингтон, нема никаква опасност од конзумирањето свинско месо.

,,Малку е несреќно што овој вирус го доби тоа име што пак, се поврзува со свинското месо. Апсолутно нема никаков ризик.,,

Тој објаснува дека повеќето вируси на грип со кои се заразуваат луѓето потекнуваат например од птиците. Станува збор за вообичаен вирус на грип, со вообичаени симптоми како и кај другите грипови, додава Пенингтон. Па, како некој може да познае дека е заразен со новиот вирус:

,,Мексико е најмногу зафатен со овој вирус. Па во овој момент единствените кои се со таа можност се луѓето кои биле во Мексико или имале блиски контакти со некои кои биле таму.,,

Пенингтон додава дека вирусот е чувствителен на лекови, особено на тамифлу кои спречуваат да се развива во телото на човекот, со што се скратува времетраењето на болеста. Сепак, како што вели, кај повеќето од заразените се забележува подобрување на состојбата и без посебен третман. Едно е важно, наведува Пенингтон, вакцините што сега се употребуваат не претставуваат никаква превенција од новиот вирус.

,,Во тек е прелиминарна работа за да се дојде до соодветна вакцина. Прашањето е како таа да се произведе што е можно повеќе, што пак, е многу скапа работа. Ќе минат четири до шест месеци пред да може вакцината да им биде достапна на голем број луѓе.,,

Вели познатиот британски микробиолог Хју Пенингтон кој како единствена превентива од новиот вирус порачува зајакната лична хигиена.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG