Достапни линкови

Генерално поволна состојбата со верските слободи во Македонија


Скопје

Скопје

Состојбата со верските права и слободи во Македонија, генерално, е поволна, но има знаци кои загрижуваат, оцени Специјалниот известувач на ОН за слобода на вероисповед Асма Џахангир, по денешната средба со претседателот на Собранието Трајко Вељаноски.

„Не гледам големи проблеми, но гледам знаци на заострување на религиозните идентитети и поларизација. Ако не се реагира на време може да биде доцна. Кога религиозната нетолеранција излегува од контрола многу е тешко да се поврати. Од друга страна, луѓето се среќни што живеат заедно во мултикултурно, мултиетничко и мултиверско општество.“

Таа посочи дека е дојдена да ја оцени состојбата, не само во однос на законодавството, туку и неговото спроведување и унапредувањето на толеранцијата. Според дел од домашните активисти за човекови права, во Македонија се извртува сфаќањето на
Кога религиозната нетолеранција излегува од контрола многу е тешко да се поврати
слободата на вероисповед и убедување. Поврзувањето на религијата со идентитетот и со етничката припадност претставува бариера која ја ограничува индивидуалната слобода на луѓето да веруваат во што сакаат или да не веруваат, вели професор Мирјана Најчевска.

„Во Македонија во моментов станува многу опасно да се биде припадник на одредена етничка заедница, а во исто време да не се биде припадник и на мнозинската религиозна определба на таа етничка заедница. Односно доаѓа до исклучување на сите оние кои што на овој или оној начин ќе се искажат како припадници на друго понакво уверување, било тоа да е религиозно или не религиозно.“

Специјален известувач за слобода на вероисповед Асма Џахангир од вчера е во тридневна посета на земјава. Таа се среќава со претставници на релевантните државни институции, со верските заедници, експерти и невладини организации, за детално да се запознае со нивото на слободата на вероисповест или убедување. Своите првични согледувања Џаганхир ќе ги презентира на утрешната прес-конференција, додека за посетата ќе поднесе извештај до Советот за човекови права на Обединетите нации во март идната година. Асма Џахангир е назначена за Специјален известувач за слобода на вероисповед или убедување во 2004 година. Годишно посетува по 2-3 земји и поднесува извештаи до Советот за човекови права и до Генералното собрание на Обединетите нации. До сега, таа ги посети Нигерија, Шри Ланка, Франција, Азербејџан, Малдиви, Таџикистан, Велика Британија, Ангола, Израел, Индија и Туркменистан.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG