Достапни линкови

logo-print

Трајко Вељановски, претседател на Собранието


Macedonia - Trajko Veljanovski president of the Macedonian Assembly, Skopje, 25Apr2009

Macedonia - Trajko Veljanovski president of the Macedonian Assembly, Skopje, 25Apr2009

За Собранието и за мене како претседател одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни. При носењето на законите треба да има поголема вклученост на експерти и невладини организации. Ги исполнивме условите на ЕУ - очекувам визна либерализација и датум за преговори до крајот на годинава.

Деновиве Уставниот суд го укина законот за веронаука. Претходно имавме сличен епилог во однос на законот за демографската стратегија, како и укинување на одредба којашто се однесуваше на фискализацијата. Зошто не се успева во дел на законските решенија да се донесат правно издржани решенија и дали ова упатува на недоволна вклученост на поширока експертиза при носењето на законските решенија?

Јас би можел да кажам дека во овој временски период додека јас сум претседател на Собранието, скоро една година, има голем број на закони што ги има донесено Собранието. Притоа, врз основа на одредени иницијативи на граѓани или правни лица, Уставниот суд ги разгледува дали се во согласност со Уставот. Точно е дека Уставниот суд укина одредби во законите што ги споменавте. Тоа е негова уставна надлежност, тоа е основната функција којашто треба да ја работи. Во моментот најде за тие три законски проекти, за тие три битни закони коишто беа доста експлоатирани медиумски, каде што укажа дека не се согласно Уставот. За нас како Собрание и за мене како претседател на Собранието одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни. Согласно решенијата што ги предлага Уставниот суд за укинување на одредени одредби, така и ќе постапиме.

Каде е проблемот со Уставниот суд како институција и како се планира да се реализираат реформите, ако во носењето на дел од законските решенија често се соочувате со оваа институција?

Јас не би го дефинирал како проблем со Уставниот суд. Во секоја демократска држава постои Уставен суд којшто гледа дали одредени закони се согласно Уставот. Нормално е Уставниот суд да цени одредени законски проекти. Но, сепак сметам дека одредени законски проекти којшто поминуваат низ Собранието, а тоа е моја интенција во последно време, да има одредена расправа низ комисиите на Собранието. При тоа би биле повикани невладини организации, сите други експерти по одредена област, би дале свој придонес во однос на изготвување и носењето на одредени закони. Прво, во фаза на изготвување на законот, треба владата да вклучи одредени експерти коишто би требало да дадат мислење пред да се достави законот до Собранието, а после законскиот проект кога ќе биде доставен до Собранието, да бидат вклучени исто така во комисиите експертите и други невладини организации коишто би дале мислење. Но, тоа не значи дека на тој начин ние го суспендираме и дека треба да се суспендира Уставниот суд. Има голем број закони коишто беа оспорувани од експертите, од невладиниот сектор, но Уставниот суд донесе одлука дека се согласно Уставот. Затоа што може да се појави ситуација, во којашто одредени експерти даваат позитивно мислење, одредени негативно или обратно. Во секој случај треба да има поголема вклученост на експертите и невладини организации при носењето на законите.

Trajko Veljanovski
Дали треба некој да понесе и одговорност бидејќи беа потрошени и пари за имплементацијата на дел од овие законски решенија? Иницијатор е владата, а ги носи собранието. Прашањето на одговорност е компликувано, но во крајна инстанца постои нешто што се нарекува политичка одговорност?

Уставниот суд има укинато одредби во голем број закони од 90 година, па наваму. Мислам дека тоа е основна функција. И понатаму ќе носи такви одлуки. Во однос на одговорноста би кажал дека согласно поделба на властите, се прави контрола од една власт на другата власт. Во конкретниот случај, Уставниот суд даде мислење по законските решенија, а во однос на политичка одговорност сепак мислам дека ние политичарите на крајот сме на проверка пред граѓаните и краен суд носат граѓаните и тие носат одлука дали имаат доверба во реформата што ја спроведуваат одредени политички партии или немаат.

Од владеачката партија имаше реакции дека Уставниот суд носи партиски мотивирани одлуки. Дали ќе ги коментирате овие реакции и не претставува ли ова селективно реагирање?

Тоа е нивно право како ќе го коментираат. Јас како претседател на Собранието го кажав своето мислење.

По изборите, предизвиците се големи, во однос на евро атлантското интегрирање на земјата и решавање на прашањето за името. Каква според вас треба да биде улогата на парламентот во решавањето на овие клучни прашања?

Собранието не смее да биде пасивен посматрач. И јас согласно моите укажувања, имаше и акција од страна на Собранието. Прво, Собранието донесе резолуција за носење на стратегија за името, којашто беше едногласно усвоена по дебата на пратениците. И мислам дека ако дојде до некое решение во спорот, сепак тоа ќе биде пред Собранието. Во краен случај никако не може да се избегне Собранието по одредени прашања, како што е името. Но, сметам дека согласно уставните надлежности, оној којшто има активна улога, а тоа е Министерството за надворешни работи и Владата, и претседателот на државата во однос на името да дадат поголем тек во однос на името, а Собранието да се вклучи кога е неопходно да го даде својот придонес по тоа прашање.

Постоеја размислувања, односно идеи, дека владата и нејзините министри своите идеи треба да ги кажат пред парламентот, а потоа во јавноста?

Тоа е искуство од Велика Британија, колку можеме тие искуства од демократски држави со голема традиција да ги пренесеме е прашање. Сепак, секое искуство може да се разгледува и да се види како може во денешни ситуации да се примени. Може одредени закнски проекти коишто владата смета дека треба да ги донесе, да ги вклучи пред да бидат донесени законите да бидат вклучени пратениците и партиите.

Што ќе биде приоритет за парламентот во наредниот период?

Согласно извештајот на ЕК којшто укажа на водење на политички дијалог можам да кажам дека сум задоволен како претседател на Собранието. Во голем дел, во сегашниот период тој услов е исполнет. Сите закони коишто се поднесени од Владата, во нормален временски период се изгласани од Собранието, водејќи притоа дебата. Сметам дека сите активности во Собранието се заеднички и на пратениците од власта и на пратениците од опозицијата и тоа е тоа што треба да се води таков политички дијалог во Собранието и мислам дека тој услов е исполнет. Исто така, реформите коишто беа искажани во извештајот од сите чинители во Република Македонија се исполнети, како и спроведувањето на мирни, фер и демократски избори. Со оглед на тоа дека тие услови се исполнети, јас сметам, убеден сум, уверен сум, а и мое барање како претседател на Собранието во текот на годинава да се укинат визите, да добиеме визна либерализација и кон крајот на годинава да добиеме датум за преговори. Затоа што ние, не би рекол политичарите, туку првенствено граѓаните тоа го заслужуваат. Тоа не треба да биде награда од ЕУ, туку треба да ни го вреднуваат трудот, на политичарите, партиите и граѓаните. И тоа е реално вреднување и мислам дека нема никакво оправдание ако така не се постапи. Затоа што водејќи сметка за европските принципи, од големите европејци Шуман и други, сметам дека ЕК кон крајот на годинава треба да даде датум за преговори.
  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG