Достапни линкови

logo-print

Симоне Филипини, Амбасадор на Кралството Холандија во Македонија


Симоне Филипини, Амбасадор на Кралството Холандија во Македонија

Симоне Филипини, Амбасадор на Кралството Холандија во Македонија

Идното членство на Македонија во НАТО не е прашање на дали, туку кога таа ќе стане членка. Има една работа која се испречува помеѓу Македонија и поканата а тоа е решението за спорот со името. Нема дијалог во НАТО за промена на правилата за игра во одлучувањето

Амбасадорке, дали според вашите проценки, како НАТО контакт амбасада во земјава, Македонија заслужува да биде дел од Алијансата?

Мислам дека идното членство на Македонија во НАТО не е прашање на дали, туку кога таа ќе стане членка. Како што знаете минатата година во Букурешт беше кажано дека Македонија ги исполнува условите и дека единствената работа што треба да се заврши е заедничко прифатливо решение во спорот со името. Тоа не значи дека Македонија не треба да продолжи со реформите во одбраната и војската. Исто е и со Холандија. Ние сме членка на НАТО но секогаш мора да работиме на реформите во одбраната со цел да бидеме во тек со приоритетите на НАТО.

И покрај спроведувањето на реформите за кои бевме пофалени дека ги завршивме, останавме зад вратите на оваа организација.Хрватска и Албанија се веќе членки. Ние останавме во пакет со Црна Гора и Србија. Дали се враѓаме чекор назад?

Најпрво вие не сте на исто место со Црна Гора и Србија. Вие сте сосема различни. Бидејќи единствената работа која ви недостасува е поканата за членство. И има една работа која се испречува помеѓу Македонија и поканата а тоа е решението за спорот со името. Сите се надеваат дека проблемот со името ќе се реши што побрзо. Се разбира тоа зависи од двете засегнати земји кои треба конструктивно и отворено да најдат решение. Штом ќе се случи тоа, оваа земја ќе добие покана за членство. Ова неодамна беше повторено и од новиот американски претседател Барак Обама на неодамнешниот самит на НАТО.

Дали решението на спорот со името е единствениот начин за влез на земјава во Алијансата или може да се надеваме на трансформација на оваа организација, односно на начинот на прием на нови членки. На пример со консензус минус една земја?

Да бидат искрена мислам дека никој не треба да смета на тоа. НАТО е организација која се темели на консензус и ќе продолжи да биде тоа. Нема сериозен дијалог во оваа фаза да се сменат правилата на играта. Всушност мислам дека засега проблемот со името е единствената пречка на патот кон НАТО интеграцијата на Македонија.

Simone Filipini
Дали доколку проблемот со името не биде решен, Македонија може да го доживее истото сценарио како во Букурешт и на патот кон нејзиното ЕУ -интегрирање?

Секако дека прашањето за спорот со името се испречува на патот и кон НАТО и кон ЕУ интеграцијата на Македонија. Ова прашање треба да биде решено пред членството во Европската Унија. Има и други чекори кои треба да се направат во тој контекст. Тоа се конкретните одредници кои треба да се исполнат. Дополнителната одредница, деветтата беа изборите. Но има уште осум останати одредници за кои Европската комисија ќе суди во нејзиниот следен извештај кој ќе биде објавен во октомври. Знаете дека нема бесплатен билет за ЕУ, сите земји членки поминале низ истиот процес. Тоа е тежок процес на трансформација, реформите треба да се направат и да се имплементираат. Мислам дека уште постојат важни прашања, тоа го кажа и еврокомесарот Оли Рен наведувајќи три особено важни одредници. Првата е борбата против корупцијата, втората е деполитизацијата на граѓанското општество и третата, владеење на правото.

Македонија треба да покаже значителен напредок во овие три области. Не треба да заборавате дека во последните неколку години чланарината за ЕУ е двојно зголемена. Многу од граѓаните се чувствуваат несигурно и непријатно, имаме исто така финансиска криза и луѓето треба да бидат сигурни и да се уверат дека секоја идна земја членка и земја кандидат ќе ги исполни условите и ќе ги следи принципите и вредностите на земјите членки на Унијата. За Холандија работите како добро владеење на правото, непартизиран, професионален граѓански сектор кој ќе се бори за правата на секој граѓанин без разлика на нековата партиска и идеолошка припадност, и некорумпирани владини институции, тоа за нас е навистина важно. И мислам дека Господинот Рен неодамна го искажа своето мислење по тоа прашање , и мислам дека Макаедонија мора да помине низ тој процес. Чуствувам и дека висепремиерот за евроинтеграции Боцевски, работи на тие прашања, но треба навистина да се потрудат и тоа да го направат навистина во брзо време, бидејќи извештајот ќе почне наскоро да се подготвува.

Изборите поминаа. Како го оценувате нивното спроведување и успеавме ли да ја поправиме лошата слика пред Меѓународната заедница?

Па јас бев тука и минатата година кога се одржаа изборите. Бев исто така сведок оти ги набљудував изборите во рамките на ОДИХР мисијата на ОБСЕ.Видов што се случи таму. Мислам дека сите беа шокирани од инцидентите кои тогаш се случија. Мислам дека повторните избори оваа година беа екстра шанса за Македонија и мислам дека во целина и според оценките на ОДИХР се помина добро. Имаше некои пропусти, како на пример различни видови на заплашувања кои се случиле на некои места, но мислам дека во суштина и двата изборни дена беа многу мирни и самата се уверив дека има голема разлика меѓу годинашните и минатогодишните избори.И навистина сум среќна поради тоа.

Дали забележавте некаков демократски развој во земјава откако сте тука?

Јас сум тука од септември 2007 година. Македонија е демократска земја, има демократски институции, секако дека тука и таму има и по некоја пречка. Но она што можам да го забележам е дека има помалку тензија, без да ја коментирам демократѕската состојба на земјава. Пред изборите во јуни на пример имаше многу тензии во парламентот, бојкоти, лоша соработка меѓу претседателот и премиерот, тензии во политичкиот дијалог. Секако, подобрувањето од минатата година исто така е земено предвид. На пример Собранието напредуваше во дефинирање на својата улога. Новиот претседател на собранието презеде низа мерки за зајакнување на позицијата на Парламентот. Структурно, тоа ја подобрува сликата што е многу важно зашто ни еден парламент не може да функционира без соодветни механизми за подршка. Овие работи, чекор по чекор, се средуваат што е важно за демократскиот развој на земјата.

Дали вашата земја планира да го олесни визниот режим за македонските граѓани. Кога тие ќе патуваат без визи на пр. Во Холандија?

Холандија е дел од шенген зоната, како што знаете. Тоа е голема област. Мислам дека во шенген зоната има 23 земји. Членкои на ЕУ и други кои се приклучени како Швајцарија, Норвешка… Многу наскоро ќе има извештај на Европската комисија со оценка за имплементацијата, на како што велат, патоказот за визна либерализација, односно акциониот план за визна либерализација. Ако тие речат дека Македонија добро напредува и ако Европската комисија ги советува земјите членки на Унијата за укинување на визите за Македонија мислам дека Холандската позиција е дека кога Македонија ќе ги исполни критериумите таа е подготвена за визна либерализација, па ние, претпоставувам, ќе ги следиме советите од европската комисија но прво мора да има оценка и препорака од комисијата.

Холандската Амбасада е еден од најголемите донатори во најразлични проекти во земјава. Но сепак впечатокот во јавноста е дека холандските бизнисмени ги нема во Македонија. Зошто се плашат да инвестираат во земјава?

Мислам дека Македонија беше непозната земја во Холандија, меѓу бизнисмените. Таа беше позната меѓу туристите од минатото. Веројатно знаете дека холандскиот писател А. Ден Долард има напишано неколку книги за Македонија, исто така една за Охрид. Во Охрид има и негова статуа и Холандските туристи знаеја за Македонија, но бизнис заедницата е друга приказна. И сега ние се трудиме да ја промовираме Македонија меѓу холандските бизнисмени, а исто така да им ги претставиме холандските бизнис интереси. Има многу интерес но овие процеси бараат време. Знаете, од кога процесот ќе започне требаат можеби една или две години додека инвеститорите да ја донесат конечната одлука. Неодамна имаше холандска инвестиција во Македонија, во Велес во обработка на камен или нешто слично. Голема холандски инвеститор презема македонска компанија. Гледаме голем интерес на пример за земјоделскиот сектор од Холанѓаните, но како што знаете се уште има проблеми со сопствеништвото на земјиштето што треба законски да се реши. Мислам дека има некои отворени прашања што треба да се решат пред холандските инвеститори да го најдат својот пат кон Македонија. Тие доаѓат, но истражуваат, знаете како оди тоа луѓето истражуваат па се враќаат наоѓаат партнери создаваат контакти и конечно инвестираат. Но до одлуката да инвестираат може да поминат две години
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG