Достапни линкови

Хрватска и Албанија со проект за заедничка нуклеарка


Нуклеарната централа Кршко

Нуклеарната централа Кршко

Хрватска и Албанија заеднички ќе градат нуклеарна централа. Оваа вест ја потврдуваат во хрватската влада, но со забелешка дека станува збор за можност која се уште е во фаза на разгледување.

Иницијативата за заедничка инвестиција во нуклеарна централа дојде од албанската страна, вели портпаролот на хрватската влада Златко Мехун, прецизирајќи дека тоа било сторено за време на неодамнешната посета на албанскиот премиер на Загреб. Тој додава дека засега немало никакви конкретни спогодби околу нуклеарката која би требало да биде на подрачјето на Албанија:

,,Албанските претставници тоа го образложија со фактот што Хрватска веќе на сличен начин има искуство во кооперацијата со Словенија околу изградбата и користењето на нуклеарната централа Кршко.,,
И албанската и хрватската страна на тој проект гледаат како на проект од регионално значење во кој можат да се вклучат и другите земји од регионот..

За идејата се разговарало и кон крајот на март кога во Тирана престојувал потпретседателот на хрватската влада и министер за стопанство Дамир Поланчец.

,,Договорено е до крајот на месецов да потпишеме спогодба за разбирање и да формираме заедничка работна група која ќе изврши стручна анализа на можноста за заедничко вложување во изградбата на нуклеарната централа.,,

Вели советникот во хрватското министерство за стопанство Томислав Мазал, кој додава дека е можно и други земји од регионот да му се приклучат на проектот.

,,Мотивот во секој случај е електричната енергија, значи независноста во снабдувањето со електрична енергија. И албанската и хрватската страна на тој проект гледаат како на проект од регионално значење во кој можат да се вклучат и другите земји од регионот.,,

За разлика од владините претставници, експертите во оваа сфера оценуваат дека очигледно не се отишло подалеку од добрите желби. Иницијативата, според нуклераниот физичар Тончи Тадиќ, не била потркрепена со бројки и затоа, како што вели, сега била на ниво на добри надворешно политички медиумски наслови.

,,Имено, ние не слушнавме никаков податок од надлежните министерства, ни од албанките, ни од хрватските за тоа колку всушност енергија ни треба и дали тоа е неопходно да го обезбедиме на ваков начин.,,

Вели Тадиќ. На Хрватска и на Албанија, впрочем како и на повеќето европски земји хронично им недостига енергија, а игрите околу гасот меѓу Русија и Украина секоја зима само го зголемуваат проблемот, а со тоа и барањето по алтернативни енергетски извори. Како најповолен се смета нуклеарната енергија, но како што вели Тончи Тадиќ, во случајот со нуклеарката во Албанија, засега немало ништо повеќе од жешка желба кај двете страни да ја изградат.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG