Достапни линкови

Македонското МНР им препорачува на граѓаните да не патуваат во Грција


Министерството за надворешни работи им советува на македонските граѓани да се воздржат од патување и подолг престој во поголемите градови во Грција.
Доколку патувањето и престојот се неопходни, МНР препорачува многу внимателно однесување, посебна грижа за безбеден паркинг доколку се патува со сопствено возило, одбегнување на градските центри и локациите каде што евентуално можат да бидат организирани протести и немири, како и одбегнување на објектите и институциите кои досега биле најчеста мета на насилни напади.
Во образложението на препораката МНР потсетува дека во последните неколку месеци, Грција била зафатена од бран на внатрешни немири, насилни протести и вооружени инциденти, со што биле загрозена приватната сопственост и личната безбедност на многу лица.
Дополнително, во последните неколку месеци десетици македонски граѓани, особено автопревозници, ги известиле надлежните македонски органи за проблеми поврзани со оштетување на нивните возила при нивниот престој или премин преку територијата на Република Грција, се вели во препораката.
Министерството за надворешни работи им укажува на македонските граѓани редовно да ја следат состојбата во Грција, како и да го контактираат Министерството и македонските дипломатски претставништва во Атина и Солун.
XS
SM
MD
LG