Достапни линкови

Новите владини мерки треба да им помогнат на фирмите?


Фабрика
Фабрика
Новите мерки за справување со кризата треба да им олеснат на фирмите кои пред кризата работеле добро и придонесувале за развој на земјата, препорачуваат стопанствениците.Тие велат дека претходните 10 мерки за помош на стопанството, кои ги донесе Владата, биле главно насочени кон фирмите со наталожени загуби. Директорот на Макстил Александар Панов вели дека претходните мерки, во кои имаше и ослободување од царина на некои суровини, делумно го помогнале стопанството, но не им помогнале на Макстил.

"Тоа помогна на дел од стопанството, но ние како Макстил не го почувствувавме затоа што немавме некои ресурси кои што беа ослободени по тој основ. А сега мислам дека ако се вметнат во програмата на владата, мислам дека ќе дадат одредени резултати.,,

Претседателот на Сојузот на стопански комори Златко Калеников вели дека досегашните мерки им помогнале на болните фирми. Калеников најавува дека тие, утре, ќе ги соопштат нивните барања за олеснување на условите за стопанисување на фирмите кои го носат растот на македонското стопанство.

"Дел од мерките се поврзани со проектот бруто плата, дел од мерките се поврзани со здравите фирми кои што нормално стопанисувале, учествувале во придонесот кон државата, значи сите работеле на развој на своето портфолио како претпријатие, и сега со оваа економска криза очекуваме државата да им помогне на тие фирми.,,

Тој вели дека ќе побараат од Владата да ги намали трошоците за проекти што не создаваат капитал.
"Сите што сме останале во Македонија и што инвестираме тука, значи од нас нема поголеми патриоти, нас ни е значи кога ќе видиме нова концертна сала, нов театар, но моментот сега е малку поспецифичен, значи треба да им се помогне на фирмите кои што и помогнале на државата да се развие до овој степен.,,

Директорот на Макстил Александар Панов, пак, очекува Владата да ги прифати нивните предлози, меѓу кои е и побрзото враќање на ДДВ-то на фирмите.

"Враќањето на ДДВ-то, потоа царината либерализираше одредени активности, не ослободи од гаранција која ни ,,врзуваше,, некаде околу 2 милиони евра, во тек на увоз така што сега немора да ги ангажираме тие средства, едноставно ќе бидат дел од оперативата. Трето исто така треба да се создадат услови околу железничкиот транспорт, во смисла да биде конкурентен.,,

Премиерот Никола Груевски, вчера, најави дека Владата наскоро ќе донесе нови мерки за надминување на кризата.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG