Достапни линкови

Опозиционите градоначалници не очекуваат опструкции од власта


Скопје

Скопје

Новите градоначалници кои на изборите беа поддржани од опозицијата се надеваат дека власта нема да го попречува нивното работење и реализацијата на ветените програми. Градоначалникот на општина Карпош, Стевче Јакимовски од редовите на Либералнодемократската партија вели дека не очекува опструкции од власта. Јакимовски објаснува оти неговите проекти во изборната кампања не се базираат на владината поддршка и оти истите ќе се финансираат од изворните приходи на општината.

"Нудам соработка на сите нивоа на власта, значи и на градоначалниците што се околу мене, како и на скопскиот градоначалник, а исто така и на владата. Нема зошто проекти што се владини да не бидат поддржани, ниту пак проекти што се општински да не бидат поддржани од владата.,,

Со општината Ново Село во иднина ќе управува новиот градоначалник Петар Спасов од редовите на Социјалдемократскиот Сојуз.Соочен пред новиот предизвик, Спасов е оптимист дека неговите и квалитетите на тимот што го опкружува ќе бидат пресудни во водењето на оваа локална заедница.

"Верувам во тимот, како и во моите способности и менаџирање и мислам дека општината ќе може да функционира во некои нормални гранки. Тука сепак живеат граѓани кои ја поддржаа и другата опција.,,

Градоначалникот на Македонски Брод пак, Милосим Војнески по втор пат ја доби поддршката на своите сограѓани. Тој вели дека во досегашното работење немал опструкции од страна на централната власт, иако признава и дека не добивал посебни привилегии кој како што вели биле својствени само за градоначалниците кои се од редовите владината коалиција.

"Не очекувам да имам привилегии од владата, инаку проблеми сигурно нема да имам. Мои колеги знам и од претходно имаа одредени привилегии, многу им помагаше владата. Очекувам тоа што следи да го добијам, а за останатото верувам во себе и сопствените способносни за наредните четири години.,,

Повеќето градоначалници од опозицијата се оптимисти оти без проблеми ќе одговорат на задачите и предизвиците со кои ќе се соочат на работното место. Тоа што не се членови на владејачката партија не ги плаши. Велат дека сега имаат многу поголеми ингеренции од порано што како што посочуваат е доволен старт за финансиска независност од централната власт.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG