Достапни линкови

Прилеп пред социјални немири поради економската криза


Текстилна фабрика - Прилеп

Текстилна фабрика - Прилеп

Половината од 2500 прилепски текстилци останаа без работа, како последица на глобалната економска криза. Речиси сите 25 прилепски конфекции работат со 50% од капацитетите, а дел веќе ги затворија фирмите, со цел да избегнат создавање на нови обврски зашто како што велат додека трае кризата, тие се принудени да преземат мерки да го заштитат својот дел од капиталот.

„Ние сите работиме за услуга за странски пратнер. Тие ако ни дадат работа, ние работиме, значи последиците се пренесуваат од кај нашите партнери.Нашите партнери ја осетија кризата. Производството во текстилот се финансира една година однапред преку нивните банки, комплет. Банките вршат рестрикции моментално на Запад така последиците се пренесуваат кај нас и во однос на работата и во однос на наплата на сработеното.“

Вели Благоја Конески, претседател на Групацијата за текстил при Регионалната стопанска комора. Тој истакнува дека реализацијата на наплатата порано се вршела на 15-тина дена, а сега тешко и за два месеца.Ова е причина вели Конески што работодавците побарале во два наврата од Владата да преземе мерки да ги ослободи од плаќање придонеси за вработените и даноци кон државата во период додека трае кризата, односно додека нема работа. Но тие се уште не добиле одговор, а состојбата може да се влоши.

„Ако во брзо време не се предложат некои мерки од страна на Владата ќе ги одјавуваме вработените. Мора да се ослободиме од обврските како не би пропаднале и ние како работодавци. Ние мора да ги заштитиме и фирмите.“

Истакнува Конески.Регираат и од Регионалната синдикат на ССМ. Бараат итно згрижување на конфекционерите кои останаа без работа и превенирање на последиците кај другите за кои постои реална опасност дека ќе добијат отказни решенија.

„Тука треба да помогне и работодавецот, за овие исти работници, кои што придонесоа за да оствари профит во овие неколку години, да даваат поголем социјален пакет односно поголема испратнина. А, Владата сметам дека може во рамките на оваа економска криза да им помогне на работниците со тоа што тие би можеле да земаат поголем паричен надоместок преку Бирото за вработување.“

Вели Тони Јовески, претседателот на општинскиот синдикат на ССМ.Во спротивно прогнозираат од Синдикатот состојбата може да кулминира. Велат не се исклучени масовни протести и социјални немири, зашто оваа категорија работници и без тоа работи за минимални плати, во тешки услови и со несоодветен третман од работодавците.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG