Достапни линкови

ЕУЛЕКС - целосно оперативен


Шефот на ЕУЛЕКС Ив Де Кермабон изјави дека целосното воспоставување на мисијата е само почеток и дека допрва претстои работа:

„Напорно работевме за распоредување на ЕУЛЕКС на цело Косово. Ова е комплексна операција, постигната во соработка со ОН, КФОР и без некој позначаен инцидент. ЕУЛЕКС е најкомплексната мисија што Европската Унија некогаш ја имала. Тоа докажува дека ЕУ е определена за стабилност на регионот и неговата европска иднина.“

изјави Кермабон. ЕУЛЕКС започна со активностите согласно мандатот, во областа на правосудството, полицијата и царинската служба ширум Косово. Судиите и обвинителите од ЕУЛЕКС кои во декември започнаа со работа, до крајот на март успеаа да оддржат 80 судски расправи, а донесени се и некои пресуди. Припадниците на полицијата на мисијата на ЕУ се распоредени во 34 полициски станици во Косово, додека царинската служба е присутна на сите гранични премини во земјата. Целосната оперативност на мисијата на ЕУ на Косово, различно е дочекана од политичките претставници на косовските срби.

Претставниците на политичките партии на србите кои се дел од косовските институции очекуваат дека мисијата ќе придонесе за подобрување на ситуацијата, но претставниците на србите од Северно Косово не веруваат во тоа. Петар Милетиќ од Самостојната либерална партија на Косово вели дека ЕУЛЕКС мора да делува максимално одговорно:

„Секако дека треба да се распореди на целата територија на Косово и да функционира максимално одговорно и сериозно. Сведоци сме дека во одделни делови на Косово, посебно во правниот и полицискиот систем има проблеми, така што потполната функционалност на ЕУЛЕКС е неопходна.“

вели Милетиќ. Наспроти него политичкиот претставник на србите од Северно Косово Милан Ивановиќ смета дека изминативе четири месеци од функционирањето на ЕУЛЕКС донело само проблеми:

„Ние не го почувствуваме нивното присуство во некоја позитивна смисла. Сметам дека ЕУЛЕКС се обидува да даде неточни извештаи, за наводно добра политичко безбедносна ситуација, за некави резултати што ние не ги гледаме.“

посочува Ивановиќ. Во мисијата на Европската Унија на Косово во моментов има 2 500-тини меѓународни и околу 500-тини домашни припадници.
XS
SM
MD
LG