Достапни линкови

Нарушена рамнотежата во коалицијата ВМРО ДПМНЕ-ДУИ?


Груевски и Иванов
Груевски и Иванов
Демократската Унија за интеграција негира дека се влошени односите во владината коалиција. Иако во вториот изборен круг оваа партија доживеа пораз во општините Тетово и Гостивар, а одѕивот на албанското гласачко тело беше многу мал, Рафиз Алити од ДУИ вели дека нивните симпатизери го почитувале договорот за заемна поддршка кои неколку дена пред изборите го склучија лидерите на двете партии, Али Ахмети и Никола Груевски.

,,Едно е јасно дека не ,,игравме,, игри со нашиот коалиционен партнер, напротив ги поддржувавме таму каде што имавме наши гласачи и нашето гласачко тело беше одлучувачко.,,

Од владината ВМРО-ДПМНЕ не добивме коментар за односите во коалицијата. Политичките аналитичари пак се сомневаат дека е нарушена рамнотежата во коалицијата. Претседателски кандидат кој не го поддржуваат Албанците од една страна и истовремено губењето на изборите на ДУИ на клучни места, според политикологот Гордан Георгиев ја отвора дилемата за исклучување на ДУИ од коалицијата.

"ВМРО ДПМНЕ може да го искористи тоа во секој момент и да покаже незадоволство кон коалициониот партнер, затоа што не го поддржаа Ѓорге Иванов затоа што тој за малку немаше да биде избран за претседател.,,

И професорот Кјани Нухиу од Тетовскиот Универзитет вели дека исходот од изборите покажува дека работите во владината коалиција се менуваат. Иако лидерот на Дуи, Али Ахмети тврди дека ќе остане во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, прашање е колку другата страна ќе биде подготвена на тој чекор, посочува Нухиу.

,,Имаме додатен елемент и пресврт во заладувањето на односите бидејќи ДУИ веќе ги загуби Тетово и Гостивар што е огромна количина на гласачи условно кажано... и во секој случај ќе се одрази врз односите во владината коалиција.,,

Експертите не ја исклучуваат можноста од нови комбинации во власта, особено сега кога политичката сцена е збогатена со нови политички субјекти.

"Ова раситнување во албанскиот блок ќе донесе нови фигури од типот на Руфи Османи, Имер Селмани... Секако уште повеќе ќе ја разгори дебатата кај албанците и потенцијално ќе му овозможи на Груевски да може да калкулира со другите политичарии и албански партии.,,

"Сега има едно освежување кај ДПА, така што не се исклучува да дојде и до таа можност за една друга владина комбинација.,,

изјавија Георгиев и Нухиу.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG