Достапни линкови

Демонстрантите во Молдавија влегоа во Парламентот


Околу десет илјади демонстранти насилно влегоа во Парламентот и претседателскиот кабинет во Молдавија, протестирајќи против победата на владеачката Комунистичка партија на парламентарните избори и обвинувајќи ја за фалсификување на изборите. Агенциите јавуваат дека најмалку 40 луѓе, меѓу кои и демонстранти и полицајци се повредени во насилствата. И покрај солзавецот и водени топови кои што ги користела полицијата, демонстрантите успеале да влезат во претседателската зграда. „Мислам дека демонстрантите имаат контрола врз претседателскиот Кабинет, бидејќи видов неколку од нив на покривот од претседателската зграда, како веат знамиња“, изјави Јулијан Циочјан, новинар на Радио Слободна Европа од главниот град на Молдавија, Кишињев. Тој додава дека неколку илјади демонстранти се наоѓаат и пред зградата на Парламентот. Претседателот на Молдавија Владимир Воронин изрази загриженост за ситуација и посочи дека демонстрантите сакаат да ја дестабилизираат земјата. Агенцијата Ројтерс јавува дека властите во Молдавија и опозиционите лидери постигнале договор за повторно пребројување на гласовите од викендов одржаните избори. Загриженост поради нередите во Кишињев изразија Русија и Романија. Загриженост и смирување на насилствата побара и шефот за надворешна политика на ЕУ Хавиер Солана.
XS
SM
MD
LG