Достапни линкови

Странска помош за спас на прилепското стопанство


Фабрика - Прилеп

Фабрика - Прилеп

Прилепското стопанство е во длабока, долгогодишна криза, фирмите кои заминаа во стечај не се ревитализираа, најголемите индустриски, текстилни гиганти пропаднаа, армијата на стечајци ја надополни листата на невработени која брои над 25.000 или третина од жителите на градот.На стаклени нозе стои Тутунскиот Комбинат со над 1200, Еурокомпозит со околу 500 работници и ако државата не ги преземе голем дел од долговите, веројатно е дека ќе останат на улица уште 2000 потенцијални стечајци. Толкав е бројот и на вработените во 20-тината конфекции на кои им се заканува опасноста,странските партнери поради економската светска криза, да ги откажат договорите. Во Мермерскиот комбинат, пиварницата и Витаминка како најстабилни претпријатија будно ја следат состојбата. Во ваква стопанска констелација единствено позитивни најави доаѓаат од Швајцарската агенција за развој и соработка Пелагонија –Преда која со Прилеп и 8 други општини од поширокиот регион потпиша меморандум за имплементација на програмата за развој на пелагонискиот регион.

„Меморандумот покрива за наредните две години имплемнтација на развојни програми во пелагонискиот регион со средства во висина од 600 илјади швајцарски франци, но во исто време и со учество на општините со 15 денари по жител, што претставува една четвртина од буџетот за 2009-та година.“

вели Маријана Милевска, извршен директор на агенцијата. Контрибуцијата за следната 2010 година ќе биде двојно поголема, што значи општините ќе платат половина од средствата за имплементација на развојните програми:

„Програма за поддршка на индустриските зони и слободната економска зона, програма за регионално лого и слоган и градење на капацитетите на општините за поддршка на бизнис секторите.“

Ќе бидат финансиски поддржани бизнис подсекторите како земјоделството, прехранбената индустрија, туризам и информатичка технологија.

„Битно за нас е промоција на индустриските зони во сите општини и посебно на слободната економска зона која што ќе биде единствена во регионот, на неколку километри од Прилеп.“

Вели градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески. До крајот на годинава со средства од Владата треба да биде готова инфраструктурата на површина од 100 хектари, а веќе наредната година бесцаринската зона ќе биде отворена за сите потренцијални домашни и странски инвеститори.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG