Достапни линкови

ВМРО ДПМНЕ објави убедлива победа


Претседателскиот кандидат на ВМРО ДПМНЕ Ѓорѓе Иванов
Претседателскиот кандидат на ВМРО ДПМНЕ Ѓорѓе Иванов

ВМРО ДПМНЕ прогласи победа во 55 општини плус градот Скопје на локалните избори. Груевски рече дека ќе почека на официјалните резултати од ДИК пред официјално да му честита на Иванов, иако убедливо води.

Во победничка атмосфера премиерот Никола Груевски објави убедлива победа на ВМРО ДПМНЕ на локалните и претседателските избори. Според Груевски Македонија демонстрираше капацитет капацитет, волја и способност за организација на мирни, фер и демократски избори.

,,Овој чин силно ги отвора перспективите на Република Македонија за евро атлантските интеграции. Најголема заслуга за ова имаат граѓаните на Република Македонија. Сакам да им се заблагодарам на сите граѓани на Република Македонија, за придонесот што го дадоа за овој чин.”

Тој им се заблагодари на сите учесници на изборите вклучувајќи ја и опозицијата, а исто така и на актуелниот претседател Бранко Црвенковски, како и на претставниците на меѓународната заедница и медиумите

,,Иако, ДИК сеуште ги нема официјално соопштено резултатите, согласно досегашните резултати на МОСТ и оние со кои ние располагаме кандидатот за претседател Ѓорѓе Иванов води речиси дупло, и според истите овие извори постигнат е цензусот во Република Македонија, според МОСТ. Сепак ние ќе ги дочекаме и официјалните резултати од ДИК пред и официјално да му ја честитаме победата на Ѓорѓе Иванов како нов претседател на Република Македонија.”

Груевски рече дека Коце Трајановски убедливо победил во Скопје, а ВМРО ДПМНЕ и коалицијата За подобра Македонија на овие избори во вториот круг победи во 31 општина плус Скопје. Вкупно ВМРО ДПМНЕ доби поддршка за предложените градоначалници во 55 општини плус градот Скопје, наспроти СДСМ чиишто градоначалници добија поддршка во 9 општини.

ВМРО ДПМНЕ на овие локални избори ја доби најголемата поддршка во историјата на локалните избори во Република Македонија. Груевски рече дека изборните резултати се дополнителна обврска за реализација на ветувањата .

,,Тоа е обврска да се остане близок со граѓаните, со народот. Обврска да останеме доследни во борбата против криминалот и корупцијата на неселективна основа. Обврска да ги продолжиме нашите напори за европски и евро атлантски интеграции и укинување на визите за граѓаните. Тоа е обврска за мене и сите околу мене во оваа владеачка гарнитура. Да се бориме да ја пребродиме оваа тешка економска година, во која светската економска криза застана на патот на економскиот раст и што побрзо веќе во 2010 година да се вратиме на старите патеки на висок економски раст.”

Претседателскиот кандидат Ѓорѓе Иванов се заблагодари на граѓаните за поддршката на изборите и рече:

,,Благодарност затоа што покажаа дека можеме да спроведеме европски избори. Покажавме дека знаеме да ги отвориме европските перспективи на Македонија со тој чин. Иако сеуште не се добиени официјалните податоци од ДИК, сепак станува збор за над 400 илјади гласови, 400 илјади луѓе кои ја дадоа довербата за да ја преземам одговорноста. Одговорноста за европска Македонија, Македонија без Шенген визи, Македонија во НАТО. Ова подразбира зафаќање со суштествените проблеми, а пред се спорот со нашиот сосед, и спорот со името. Се надеваме дека за клучните приоритети ќе ја имаме повторно нашата доверба и сите предизвици ќе успееме да ги пребродиме, затоа што покажавме кога сме сплотени внатре, тогаш сме почитувани надвор. И затоа оваа енергија и сето она што ни се случува во овој период мора да го искористиме Македонија да стане членка на ЕУ, НАТО и земја на среќни луѓе!”
XS
SM
MD
LG