Достапни линкови

Ѓорге Иванов нов претседател на Македонија- според партиски извори


Ѓорге Иванов, кандидат на владејачката коалиција предводена од ВМРО ДПМНЕ, најверојатно е нов претседател на Република Македонија. Според првите неофицијални резултати од Државната изборна комисија и од партиските штабови, во вториот круг од претседателските избори, Иванов освоил речиси двојно повеќе гласови од неговиот противкандидат Љубомир Фрчкоски од Социјалдемократскиот Сојуз. Одзивот на гласачите, според партиски извори, бил околу 43 насто, со што е исполнет уставниот цензус од неопходни 40 проценти.
Денеска се решаваше и за тоа кој ќе биде градоначалник на Скопје и на 43 општини во кои тоа не беше сторено на 22-ри март. Неофицијално, нов градоначалник на Скопје е кандидатот на ВМРО ДПМНЕ Коце Трајановски. Во 33 општини градоначалниците беа избрани во првиот круг, а тогаш беа познати и новите состави на речиси сите општински Совети.
Денешното гласање беше следено од околу 7 илјади домашни и меѓународни набљудувачи, бидејќи демократското одвивање на изборите е еден од најважните услови за натамошното напредување на Македонија кон ЕУ и НАТО. Според првите извештаи на мониторите, изборите денеска минаа во фер и демократска атмосфера, а конечна оценка ќе даде утре посматрачката мисија на ОБСЕ ОДИХР.
XS
SM
MD
LG